Пол Волерс, шестиот амбасадор на САД во Република Македонија, заедно со својата сопруга, денеска пристигна во Скопје.

Амбасадорот Волерс, е дипломат од кариера кого американскиот Сенат на 2 август годинава едногласно го потврди како амбасадор на САД во Република Македонија.

Пред неговата номинација Волерс беше заменик извршен секретар во Стејт департментот. Тој претходно служеше како директор на Канцеларијата за Кавказ и регионални конфликти во Бирото за европски и евро-азиски прашања, беше заменик шеф на мисија и вршител на должноста амбасадор во Амбасадата на САД во Скопје, заменик директор на Штабот на Извршниот секретаријат и виш надзорник во Центарот за операции.

Претходно во својата кариера, амбасадорот Волерс бил на дипломатски позиции во амбасадите на САД во Букурешт, Москва и Никозија. Во Вашингтон, во Бирото за политичко-воени работи, Волерс работеше на прашања поврзани со контрола на оружје, а беше и деск офицер за Бангладеш во Бирото за Јужна Азија.

Тој работел и во Штабот на Извршниот секретаријат. Пред да дојде во Стејт департментот, амбасадорот Волерс служел како офицер во Морнаричката авијација на САД. Има дипломирано на Морнаричката академија на САД и докторирано на Универзитетот Вашингтон.

Волерс на амбасадорската функција доаѓа на местото на Филип Рикер, кој сега е заменик помошник државен секретар во Бирото за Европски и Евроазиски прашања во Стејт Департментот.

OhridNews