„Канадер Т21“, специјализиран хеликоптер за гасење пожари пристигна од Романија, а напладне се очекува и авион „Хекрулес 530“, кој е со најсовремена опрема, носи придружна противпожарна опрема, пожарникари и други пропратни материјално-технички ресурси за гасење пожари.
Помошта ќе биде распределена таму каде што е најкритично, соопшти денеска на прес-конференција помошник-раководителот на Секторот за операции и координација при Центарот за управување со кризи, Марија Милкова.
Раководителот на Секторот за операции и координација при Центарот за управување со кризи, Горан Стојановски појасни дека авионот „Хекрулес 530“ е товарен и е прилагоден дополнително за гасење на пожари.
Се работи за специјализиран авион, за специјализирана намена кој со себе носи материјално-технички ресурси, носи луѓе, пожарникари и шесттонски кеси наполнети со вода и при летањето на подрачјето кое му се задава како координати за активен пожар тие се хидраулични и во форма на падобран бомба се концентрираат на пожарното дејствие каде практично е изворот на жариштето на пожарот. Тоа се големи авиони, нормално во координација со ВИНГ-от и со Генералштабот, нагласи Стојановски.
Тој потенцира дека оперативниот центар денеска ќе се одлучи од каде овој авион ќе се полни со вода, имајќи предвид дека со правилата на УНЕСКО тоа е забрането на Охридското Езеро.
Имаме две можности – Преспанско Езеро и уште едно од поголемите вештачки езера, така што денеска ќе одлучиме како тоа ќе се врши и верувам дека денеска во 17 часот во пресекот на денот ќе имаме јасна информација за начинот и процесот и постапката на негово дејствување, рече Стојановски.
Во врска со состојбата со пожарите Стојановски посочи дека во моментот Пехчево е најкритично. Во Штип, потенцира, има повторно реактивирање на пожарот во Криви Дел и таму се 35 војници и противпожарни екипи, а таму се и дел од Шумско стопанство кои повторно дејствуваат. Тој појасни дека теренот на кој е пожарот е многу непристапен. Во Прилепско има два пожари. Едниот пожар е сосема под контрола и нема никаков проблем, но вториот пожар што е под Плетвар е малку потежок заради непристапноста на теренот кој не дозволува во моментот да можете со сите капацитети и сили да дејствувате. Се држи под контрола. Се договоривме со градоначалникот да видиме во текот на денот ако има потреба најверојатно ќе интервенираме и со летало. Ќе видиме какви насоки ќе добиеме, додаде Стојановски.
OhridNews