Пристапноста на училиштата за децата со попреченост до квалитетна настава се уште е предизвик. Потребно е директно по системско решение за некои прашања, како што е обучен наставен кадар за Браево писмо за слепите ученици или познавање знаковен јазик за глувите, за целосна инклузија на лицата со попреченост во образовниот систем, смета Бранка Џајковска менаџер на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“.

Во рамките на овој проект, денеска во Струга се одржа работилница со претставници од општините од Југозападен плански регион, со цел да поразговараат што прават локалните самоуправи за целосна инклузија на лицата со попреченост, издвојувајќи ги позитивните примери и предизвиците со кои се соочуваат.

Наставниците поминуваат низ многу обуки, а факултетите се трансформираат да одговорат на овие потреби. Следните идни настваници кои ќе излезат ќе бидат многу по подготвени да работат со учениците со попреченост, но овие специфичности, особено поврзани со Браевото писмо и знаковниот јазик се сеуште предизвик, истакна Џајкоска.

Забележа дека во струшкото основно училиште „Браќа Миладиновци“ има силно подготвена стручна служба.

Многу често во училиштата каде што имаме подготвена служба и специјалните едукатори кои во последно време се дел од таа стручна служба ги поддржуваат наставниците одржуваат внатре обуки со цел наставниците да се по подготвени, вели Џајкоска.

Според неа, потребна е поддршка за наставниците не само во обука, туку и во дидактички средства.

Неможете да работите со деца, кои имаат проблеми со концентрација, со фокус, да има само бели ѕидови и лист хартија и молив. Мора да имаме внатре материјали, асистивна технологија, простор и начин наставникот некогаш индивидуално да поработи. Сите елементи треба да се поддржани од државата и општината и најважно е кај наставниците да се смени свеста и да почне процес на прифаќање на тие деца, нагласи Џајкоска.

Забележа дека децата покажуваат поголема свесност за инклузија од родителите и од возрасните.

Многу често предизвиците кои се прелеваат во училиштето се резултат на недоволна родителска работа, внимание и развивање на социо-емоционални вештини кај децата. На нашите ученици почнува да им недостига таа социо-емоционална интелегенција и овие вештини закржлавуваат во ова ново време. Тоа е нешто на кое сите треба да го обрнеме вниманието, особено за ранливите категории, подвлече Џајкоска.

Претседателката на Советот на Општина Струга Арбереша Влаши рече дека локалната самоуправа донела програма за социјална заштита со низа мерки предвиднеи за лицата со посебни потреби и нивна финансиска поддршка.

OhridNews