Охридкиот центар за рехабилитација е отворен во 2004 година, а низ него според статистиката, се лекувале 155 зависници на различна возраст, заедно со 100 членови на нивните семејства. Во 2009 година, помош за надминување на зависност од дроги , во охридскиот Центар, побарале уште 16 нови зависници од овој регион, како и 10 членови на нивните семејства.
Најголемиот дел од зависниците кои се третираат во Центарот се од Охрид или 55 % од вкупниот број лекувани. 32 % од лекуваните се од Струга , а 12 % од Кичево. Најмал е бројот на лекуваните од Дебар, кои во вкупниот број на лекувани се застапени само со 1%. Со третманот кој го добиваат во овој Центар, зависниците се ресоцијализираат, за да можат да продолжат со нормален живот во своето опкружување.
– Се работи на социјална поддршка на зависниците, а таа се изведува преку психоедукативни и креативни работилници, со индивидуална и групна терапија. За секој зависник подготвуваме посебен психолошки профил, а со самото тоа што тие сакаат да доаѓаат во центарот, значи и дека соработуваат. Исто така, советодавно се работи и со членовите на нивните семејства, а со тоа значително се подобрува комуникацијата на зависникот со семејството.– велат од Одделението за исклучени лица при Центарот за Социјална работа од Охрид, под чија што надлежност е Дневниот центар за ресоцијализација на зависници.
Тие додаваат дека позитивните ефекти кај зависниците се гледаат, во прифаќањето на социјалните норми на однесување, почитување на редот и дисциплината во Центарот, почитувањето на другите зависници, кои се вклучени во третманот и учеството во сите предвидени активности.
– Оваа болест на зависност се лекува долготрајно, успех е тоа што корисниците доаѓаат редовно, а со тоа се придонесува, за тие осум часа во денот колку што се во Центарот, да се оттргнат од улицата и од криминалот. Исто така покрај социјалната рехабилитација, корисникот на дрога се мотивира да започне лекување со метадонска терапија, доколу тоа е потребно.– велат од Центарот за Социјална работа од Охрид.
Бројот на лекувани зависници во Центарот за ресоцојализација не е еднаков со вкупниот број на зависници, затоа што голем дел од зависниците не ги посетуваат третманите за ресоцијализација, а исто така не се евидентирани ниту во полициската ниту во медицинската евиденција.
– Може да се каже дека бројот на лекувани за овие 5 години во Центарот за ресоцијализација е алармантен и значи дека дрогата во Југозападниот регион зема се поголеми размери. Состојбата ја прави уште позагрижувачка фактот што постојат црни бројки на зависници од дрога, кој никој не ги знае. Тоа се случаи кои остануваат незабележани од надлежните установи и јавноста. Но тоа што не се официјално регистрирани не значи дека треба да се игнорираат. –нагласуваат социјалните работници од Охрид.