Косовското министерство за надворешни работи соопшти дека го одложува барањето за членство на Косово во УНЕСКО наведувајќи дека станува збор за прагматично одложување во рамките на координација со влијание на западните земји. „Прагматичното одложување на членството на Косово во Интерпол и УНЕСКО се потпира на блиската координација со САД и со другите земји на Квинта“, се наведува во соопштението на Министерството со кое раководи Беџет Пацоли.

Од друга страна, пак, Министерството ја информира јавноста дека процесот за членство на Косово во регионалните, континенталните и светските организации, односно во ОН, останува да биде примарна цел. Се наведува дека Косово досега е членка во повеќе од 60 регионални, континентални и глобални организации и дека секоја акција, пријава, процедура за членство била во целост и блиско координирана со стратешките и историските сојузници на Косово, односно Соединетите Американски Држави и Европската Унија.

Во објаснувањето за одложувањето на барањето за членство на Косово во УНЕСКО од Министерството за надворешни работи се нагласува дека косовската влада и Министерството за надворешни работи дејствуваат на координиран начин, одговорно и во одбрана на националните интереси на Косово.

OhridNews

Макфакс