Штетите од годинашните земјотреси, поплави и пожари се проценуваат на повеќе од 70 милијарди американски долари, а сезоната на урагани допрва почнува.

Иако се поминати само седум месеци, очигледно е дека 2010 година ќе влезе во историјата како година на големи природни катастрофи.

Како што пренесува „Макфакс“, од почетокот на јануари до крајот на јули се забележани повеќе од 450 настани што спаѓаат во природни катастрофи, во кои животите ги загубиле околу 250 илјади луѓе.

Вкупните штети се проценуваат на повеќе од 70 милијарди долари, што е повеќе од целата 2009 година, која беше окарактеризирана како релативно мирна година, барем кога станува збор за природни катастрофи.

Со поплавите во Кина и Пакистан, како и пожарите во Русија, каде температурите не се спуштаат под 35-тиот степен Целзиусов, вкупната штета од природни катастрофи до крајот на годинава ќе надмине 100 милијарди долари.  

Вовед во “годината на катастрофите“, беше земјотресот со јачина од седум степени според Рихтеровата скала што го погоди Порт – о – Принс, главниот град на Хаити, кога загинаа повеќе од 217 илјади луѓе, а 1,2 милиони останаа без дом.

Земјотресот што на 27 февруари го погоди градот Консепсион во Чиле, со магнитуда од 8,8 Рихтери, иако посилен од оној на Хаити, однесе релативно мал број животи – загинале 521 луѓе. Овој земјотрес, петти најсилен за последните 100 години, покажа дека со адекватна конструкција на зградите “отпорни на земјотреси“ можат да се избегнат големи човечки жртви. Сепак, штетите од земјотресот во Чиле се искачуваат на 30 милијарди долари.

Кога по серијата земјотреси ширум Земјата, на 14 април се “разбуди“ исландскиот вулкан Ејафјалајокул и го блокираше авионскиот сообраќај над Европа, се појавија шпекулации за поврзаноста на вулканската ерупција со сеизмичките активности.

Ерупцијата на исландскиот вулкан беше “среќна“ катастрофа, бидејќи не зема човечки жртви.

Меѓу годинашните 450 природни катастрофи, најскапа беше бурата Ксинтија, која кон крајот на февруари ја опустоши јужна Европа, при што загинаа повеќе од 50 луѓе, од кои 45 само во Франција. Штетите од Ксинтија се проценуваат на околу 4,5 милијарди долари.

Последниве денови, пак, поплавите во Пакистан и Кина однесоа повеќе илјади животи. Поплави ја погодија и централна Европа, како и балтичките земји, каде погинаа 15 луѓе.

Во Русија, пак, сосема поинаква слика – земјата со соочува со најтопло лето во последните 130 години. Температурите со денови не се спуштаат под 35 степен целзиусов, а топлотниот удар секојдневно зема стотици животи. Во скоро 600-те пожари што беснеат во Русија, животите досега ги изгубиле повеќе од 50 луѓе.

Ohridnews
извор: Мекфакс“