Во РС Македонија минатата година се родиле 19 031, а умреле 25 755 лица, со што е евидентиран негативен природниот прираст од 6724 луѓе.

Според податоците на Државниот завод за статистика, минатата година во градските подрачја живородени се 11 258 деца или 59.2 % од вкупниот број на живородените деца, додека 7 773 или 40.8 % деца се живородени во селските подрачја. Најголемо учество во однос на вкупнот број раѓања по региони има Скопскиот со 38.8 %, а најмало Источниот Регион со 6.1 %.

Во Југозападниот регион, во кој спаѓа Охрид, во градските средини се родиле 956 лица, а починале 1297, што е негативен прираст од -341 лице. Негативниот прираст е уште повеќе изразен во руралните средини во регионот, каде лани се родиле 789 живи лица, а починале 1209, што е разлика од – 420.

Просечната возраст на умрените лица во градските подрачја изнесува 73.1 година, а во селските 73.6 години.

Природниот прираст е негативен и изнесува -4 690 лица во градските подрачја и -2 034 лица во селските подрачја. Само Скопскиот регион бележи позитивен природен прираст, а останатите региони бележат негативен природен прираст.

Податоците за внатрешните миграции, во рамките на истиот регион, покажуваат дека најголемо учество од 37.6 % имаат преселбите од село во град наспроти меѓуградските преселби со 8.7 %.

Во вкупните миграции на ниво на регион од село во град, најголемо учество има Источниот Регион со 50.9 %, додека во Полошкиот Регион најголемо учество имаат меѓуселските преселби, кои учествуваат со 54.2 %.

Салдото на надворешните миграции е најголемо во Скопскиот Регион, 785 лица, а најмало во Југoисточниот Регион, односно -129 лица.

OhridNews