– Бидејќи акумулацијата Глобочица не може да ја прими целата оваа вода за да биде преработена во електрична енергија, мораше таа да се испушти во старото течение на Дрим. Беше загрозен дел од патот Струга – Дебар и со организирана акција на повеќе институции се подигна вештачки насип во должина од околу 150 метри со што се обезбеди заштита од поголемо надоаѓање на вода, ни изјави Митко Темелковски од Центарот за управување со кризи – Охрид.
Според него во овој момент не постои поголема опасност од излевање на Охридското Езеро, но состојбата е сериозна бидејќи денеска се очекува влошување на временската состојба и врнежи и можно е доток на нови количини вода во езерото. Темелковски посочува дека најзагрозени се оние делови каде се изградени објекти на места каде некогаш се протегало езерото.
– Оние објекти кои на некој начин одзеле од природата, доаѓа момент кога природата го враќа тоа кај себе. Добар дел од граѓаните кои користат дел од крајбрежјето можат да бидат загрозени особено тие што со одредени зафати и доградби направиле пристап до брегот и постои реална опасност дека тие имоти, објекти и помошни конструкции можат да бидат загрозени, рече Темелковски.
Тој укажува дека од регулаторот на истекот на Дрим од Охридското Езеро се испушта максимално количество вода од околу 50 метри кубни во секунда и дека повеќе од тоа не е можно затоа што во прашање може да се доведе стабилноста на самиот испуст. Центарот за управување со кризи од Охрид, во координација со Дирекцијата за заштита и спасување и другите надлежни институции внимателно ја следи состојбата со водостојот на Охридското Езеро и на реките во охридско-струшкиот крај, кои исто така имаат висок водостој. Поради тоа подигнато е нивото на подземните води, а помали земјоделски површини се под вода.