Со одлука на Централниот одбор на СДСМ, потпишана од генералниот секретар Горан Минчев, се суспендираат резултатите од Изборната конференција на која делегатите за претседател на општинската организација го избраа Томе Чинговски, и се формира работна група која привремено ќе раководи со огранокот, тврди општинското раководство на СДСМ.

Според истиот извор во работната група која ќе има за цел да подготви нови избори во огранокот, членуваат сите кандидати кои ги исполниле условите да учествуваат на изборите, освен Томе Чинговски, кој, како што стоело во дописот потпишан од Минчев, со своето дејствување за време и по изборната конференција го нарушил кодексот на партијата. Во работната група членувале кандидатите за претседател Томислав Тунтев, Ангеле Гиноски, Бранислав Трпчевски и Марга Димовска, како и сеуште актуелниот претседател Ацо Велески, градоначалникот Александар Петрески, пратеникот Никола Рилкоски и други членови на партијата, велат од огранокот.

Томе Чинговски на прес конференција одржана деновиве рече дека никаков допис од централата со печат и потпис не пристигнал во Охрид и доколку такво нешто има треба да се објави јавно.

Од ОО СДСМ тврдат дека таков допис постои, но не сакаа јавно да биде објавен.

Г. Момироски