Со одлука на Извршниот одбор на СДСМ донесена на состанокот во петокот се формира работна група која привремено ќе раководи со општинската организација на СДСМ во Охрид, информираше денеска во Охрид Андреј Петров, член на претседателството на СДСМ.
Тој појасни дека работната група ќе има за задача да ги стабилизира состојбите во огранокот по случувањата на изборната конференција што се одржа пред десетина дена. На спорната конференција за претседател на огранокот беше избран Томе Чинговски, но централата не ги признава тие резултати со образложение дека работното претседателство ја прекинало изборната постапка заради дополнителни консултации.
Целта е да се почитуваат одлуките на централата, но и интересите на базата, и да се отстранат сите недоразбирања и различни толкувања во врска со изборната конференција, рече Петров.
Во работната група членуваат Ментор Мурат, Виолета Мицкоска, Миле Марин, Наум Ристески, Драган Тодороски, Бранислав Трпчески, Ангеле Гиноски и Томислав Тунтев, градоначалникот на Охрид Александар Петрески, Ацо Велески, Марга Димкоска и пратеникот Никола Рилкоски.Во неа го нема Томе Чинговски, но тој останува виден член на СДСМ вели Петров.
Томе Чинговски не е изолиран. Тој е еден од најистакнатите членови на СДСМ и тој тоа го има докажано во минатото. “Работната група ќе има за цел да организира нови избори за претседател на ОО СДСМ во Охрид на кои секој ќе може да биде предложен“, изјави градоначалникот Петрски. Тој тврди дека односите со Чинговски кој е шеф на неговиот кабинет се добри и дека соработката помеѓу нив двајца продолжува.
принудна управа во СДСМ Охрид-Петрески-Петров
Дали на Чинговски ќе му биде дозволенио да се кандидира на повторнитете избори за претседател на општинската организација ќе се знае дури откако партиската комисија ќе се произнесе дали Томе Чинговски ги прекршил етичките норми на СДСМ. “Во организирана партија одлуките кои се носат секогаш мора да бидат во координација со централното партиско раководство, непочитувањето на одлуката на централното раководство отвора простор за импровизација и ние тоа сакаме да го избегнеме, туика не се работи за толкување на квалитетите на г-нот Чинговски туку се работи за една процедура која ќе доликува на новиот СДСМ“, појасни Петров.
Томе Чинговски денеска се воздржа од коментар бидејќи како што рече никаков допис или одклука од централата со печат и потпис не пристигнале до него и доколку такво нешто има треба да се објави јавно.
Г. Момироски