Голем скандал ја тресе Италија и тамошниот џет сет, откако властите ја разоткриле измамата на извесен Стефан Чернатиќ кој со години лажно се претставувал како принц од Црна Гора и Македонија.

Лажниот принц имал асистент, кој пак се претставувал како претставник на македонската амбасада во Италија. Двајцата се возеле во црн мерцедес со црногорски знаменца и диломатски регистарски таблички. Се среќавале со претставници на локалната бизнис заедница во разни региони на Италија на кои им нуделе посредување за вложувања во Црна Гора и Македонија. Остварувале средби и со претставници на кралски лози, но и со католичката црква. Организирале хуманитарни забави на кои собирале донации, живееле на висока нога најчесто на сметка на италијанскиот џет сет, а дури прогласувале витези и давале други титули ширум светот. На тоа наседнала и познатата актерка Памела Андерсон, пишуваат италијанските медиуми, а пренесуваат медиумите во регионот.

Клопчето почнало да се отплеткува откако „Принцот на Црна Гора и Македонија“ престојувал во луксузна вила во регионот Апулија без да плати. Во истрагата покрај полицијата се вклучиле и министерството за надворешни работи и армијата на Италија. Неколкумесечната истрага завршила со приведување на лажниот принц и неговиот помошник.

OhridNews