Во ресторанот „Св. Софија“ денеска беше извршено примопредавање на кумството за Водици. Новите кумови, сопствениците на кафе барот „Немо“ – Ѓорѓија Митаноски, Антонио Стружанчев и Васко Маркоски, кумството го презедоа од градоначалникот на Охрид Александар Петрески кој минатата година беше кум на Водици.
Во меѓувреме течат последните подготовки за одбележување на големиот верски празник Богојавление – Водици. Спектаклот на пристаниште се очекува да привлече над 10.000 верници, како и рекорден број капачи (пријавени се над 150) кои ќе скокаат по чесниот крст во водите на Охридскто Езеро, велат од Здружението за целосна афирмација на традициите на МПЦ-Богојавление.
Новите кумови на Водици
Годинава за верниците кои ќе присуствуваат на утринските богослужби во храмовите на МПЦ “Богојавление“ обезбеди свето миро од манастирот Свети Јован Бигорски, а воведени се и повеќе други новини во организацијата. Крстена вода граѓаните ќе можат да добијат во специјално изработени шишиња, а во рамките на музичкиот дел ќе биде промовирана новата химна на Богојавление, што ќе ја изведе Сузана Спасоска.
„Стариот“ кум – А. Петрески
Во прилог на збогатување на туристичката понуда на Охрид во зимскиот период, организаторот најавува дека и оваа година на специфичен начин ќе биде одбележан 20 јануари – „денот на рибарите“. Најпрвин во 11 ч од кај пристаништето ќе биде фрлен влакот како потсетување на традиционалниот начин на риболов на Охридското Езеро. Денот на рибарите и годинава ќе биде одбележан со пржена плашица, вино и топла ракија, што заеднички ќе ги обезбедат организаторот и “ХОТАМ“, а новина е тоа што на ветеранот на капачите ќе му биде подарена бочва со вино од 100 литри.
Од организациониот одбор повикуваат и очекуваат
масовна посетеност за Водици
Инаку последен кој го фатил крстот (воедно и рекордер, 4 пати), лани, е Јован Бабаче, варошанец. На денешното примопредавање некој во шега дофрли дека е време некој „одстрана“ да го фати крстот – „да не велат луѓево дека е наместено“. Кој и да е – со среќа нека е.
Г. Момироски
С. Костоски