За сместување во ученичкиот дом „Ванчо Питошески“ во Охрид примени се 30 ученици кои се објавени на листата на Министерството за образование, каде се објавени и примените ученици во останатите ученички домови во државава за учебната 2021/2022 година.

Во ученичкиот дом „Ванчо Питошески“ во Охрид на објавениот конкурс од Министерството за образование и наука на 29 март 2021 година беа објавени слободни места за нови 125 ученици. Додека во сите ученички домови според конкурсот имаше слободни вкупно 2578 места за сместување и исхрана на ученици од средното образование, во 18 домови во државава.

Примените ученици можат да се сместат во соодветниот ученички дом почнувајќи од 31.8.2021 година. При сместувањето, учениците, раководствата и вработените во домовите задолжително да се водат согласно насоките наведени во Протоколот за постапување при сместување на ученици во Јавните ученички домови во учебната 2021/2022 година, велат во соопштението од МОН.

Кандидатите чии апликации не се прифатени, во следните три работни дена имаат можност за приговор кој се доставува до Министерството за образование и наука (ул. „Св. Кирил и Методиј“, бр. 54, 1000 Скопје).

Согласно Протоколот за работа во услови на справување со вирусот COVID 19 на Јавните ученички домови во Република Северна Македонија во јавните ученички домови во една соба се сместуваат 50% ученици од вкупниот капацитет на собата и право на сместување ќе имаат само учениците кои имаат настава со физичко присуство или комбинирана настава. Доколку во текот на учебната година се надмине пандемијата и ќе се створат услови за сместување со полн капацитет, во домот ќе се сместат сите ученици кои стекнале право на сместување со Конкурсот, беше споменато во конкурсот од МОН.

Првенство при прием на ученици во јавните ученички домови ќе имаат ученици запишани во I, II, III или IV година во Државното средно училиште Спортската академија во Скопје и дисперзираните паралелки на ова училиште во другите градови на Република Северна Македонија.

Инаку, во 2019 година во ученичкиот дом кој работи во склоп на „ОУТУ „Ванчо Питошески“, беа реализирани низа активности за реновирање и доопремување. Со зафатите беа опфатени промена на вратите од собите, заменети старите плакари и поставени нови, набавени 120 нови кревети и душеци, додека  ресторанот се опремен со нови ресторански маси и столчиња. Средствата за реновирањето на ученичкиот дом беа издвоени од буџетот на Министерството за образование и наука.

Н.С.Ј