Низа активности во поглед на одржување на јавната чистота и зелените површини во Охрид и околните места, но и депонирање на отпадот и справување со дивите депонии реализираше ЈП „Охридски Комуналец“ минатата 2024 година. Фокусот во новава година, велат, ќе биде ставен на реализација на активностите предвидени со Програмата за работа за 2025 год. и Програмите за одржување на јавна чистота и јавно зеленило кои ги изготвува општина Охрид.

Согласно Регионалната програма за цврст отпад на Југозападен и Пелагониски регион, во 2025 година ќе се вклучиме во Проектот за доделување пластични канти од 120 литри за селекција на отпад од домаќинства од претходно утврден опфат на територијата на општина Охрид. Целта на оваа активност е да се стави акцент на примарната селекција на отпадот и да се укаже на проблемите од областа на екологијата и да се влијае на подигање на јавната свест на граѓаните за заштита на животната средина, посочуваат.

Во 2025 год., велат, ќе продолжи реализацијата на проектот за примарна селекција на комуналниот отпад од домаќинствата, кој ЈП„Охридски Комуналец” го реализира во соработка со општина Охрид, на определени девет улици на кои им се доделени канти за селекција на отпад од хартија и картон и пластика.

Селекцијата и рециклирањето на отпадот се најдобар начин да се намали отпадот на депониите и да се зачува животната средина со негова реупотреба. Подигнувањето ќе се реализира според Календарот за подигнување на селектиран отпад (хартија и картон и пластика) два пати месечно од улиците: „Марко Нестороски”, „Васил Главинов”, „Крсте Мисирков”, „Питу Гули”, „Ѓорче Петров”, „Будва”, „Винковачка”, „Прилепска” и ул.„Железничка”. Во зависност од Регионалната програма за цврст отпад и доделувањето на нови канти, ќе го прошириме проектот за други улици на територијата на општина Охрид, потенцираат од ЈП „Охридски Комуналец“.

Во делот од зеленилото, потенцираат, приоритет е освојување и оплеменување на нови зелени површини и засадување на нови и замена на оштетени садници по дрворедите (според искуствени проценки околу 130 дрвја од видовите јавор, јасен, чинар и бреза), како и засадување на столбести ружи во парковските содржини.

Минатата година во поглед на одржувањето на јавната чистота претпријатието реализираше голем број редовни и вонредни активности.

Беше извршена замена на оштетените садови за отпад во У.З.1 Стар Град и поставени 14 нови со капацитет од 240 литри на фреквентни и лесно пристапни локации во стариот дел од градот. Редовно се одржуваше хигиената на кејот и градското пристаниште, а беа преземени и вонредни активности во повеќе наврати заради неповолните временски услови и наметнати потреби, беа реализирани акции за машинско и рачно чистење на чаршијата и други фреквентни локации. Охридската чаршија претставува една од најфреквентните пешачки зони во градот, па затоа одржувањето на хигиената на оваа јавна површина е од највисок приоритет за нашите служби, истакнуваат.

ЈП „Охридски Комуналец“ активно е вклучено во подготовките и на културно- верската манифестација Богојавление-Водици, чествувањето на ликот и делото на Григор Прличев, спортско рекреативната манифестација „Охрид трчаТ”, како и „Ohrid Wine Festival“.

Нашиот туристички центар пулсираше во екот на летната сезона 2024 год., посетен од огромен број туристи. Со тоа и динамиката на работа и ангажманот на Оперативните служби и механизацијата беше зголемен за да се сервисираат услугите и потребите во летниот период. Нашите дежурни екипи имаа зголемен обем на активности за одржување на јавната хигиена и зеленило на многу локации во Охрид и приградските населби. Се одржуваше хигиената на плажите, на местата каде се одржуваат културно-уметнички манифестации, најфреквентните локации во централното градско подрачје (чаршијата, кејот, пристаништето, ул.„Македонски Просветители“, ул.„Кеј Македонија“, пешачка Патека до Горица) потоа туристички населби Свети Стефан и Лагадин. Екипите максимално беа ангажирани 24 часа со сите свои расположиви технички и човечки ресурси пред и по Илинден.

Во делот од услужна хигиена, беше извршено собирање, подигање, транспортирање и депонирање на комуналниот отпад, собирање, подигање, транспортирање и депонирање на друг вид неопасен отпад, уништување на царинска и друга роба, одржување на депонија „Буково” и депонија за градежен шут „Мауцкер”.

Услужната хигиена се одржуваше на подрачјето на град Охрид, викенд-населбите и селата Љубаништа, Трпејца, Пештани, Елшани, Елешец, Лагадин, Коњско, нас.Исток, нас. Св.Стефан, Рача, Велестово, Велгошти, Долно Лакочереј, Горно Лакочереј, Лескоец, Косел, Ливоишта, Опеница, Вапила, Куратица, Орман, нас.Чекоштина, нас.Андон Дуков и Подмоље или вкупно 99% од населените места во општина Охрид. Покрај редовното работење во прва смена, во летниот период кога бројот на корисници е двојно поголем заради посетата на туристи, ЈП „Охридски Комуналец” со цел да излезе во пресрет на потребите кои се наметнати во тие месеци работи со максимална ангажираност на возилата. Во втора смена се работеше со четири возила додека во трета смена со три возила за извршување на задачите. Поради одржување на низа манифестации во летниот период речиси се подига комуналниот отпад. Почнувајќи од месец септември, заради намалување на обемот на работа Одделението „Услужна хигиена” постепено услугите ги извршува со три возила помалку.

Во 2024 год. се реализирани и акции за подигнување кабаст и зелен отпад на територијата на општина Охрид согласно Календарот за 2024 година и тоа 16 акции за кабаст отпад и 8 акции за зелен отпад.

И покрај нашите редовни акции според годишниот календар, кои на транспарентен начин навремено се објавуваат за полесно да допрат до граѓаните од секоја урбана заедница, секојдневно сме соочени со расфрлање на отпад и создавање мини депонии во секое урбано катче. Се реализира акција за расчистување на диви депонии во с. Рамне и с.Косел од каде се подигнати 46 м3 кабаст и зелен отпад, потоа по барање на месната заедница, во населба Свети Стефан е расчистена дива депонија од кабаст отпад и градежен шут каде се подигнати 16 м3 отпад. Подигнат расфрлан отпад во с. Љубаништа, покрај патот до кампот и крајбрежниот појас меѓу кампот и река Черава. Несовесни граѓани на истата локација создале дива депонија во с.Трпејца каде за расчистување на локацијата употребена е специјална механизација и подигнати се 16м3 отпад, расчистена и дива депонија во месноста Надол-Трпејца.

Подигнати беа и 24 м3 отпад (зелен отпад, кабаст отпад и градежен шут) кој несовесни граѓани го имаа расфрлано на повеќе локации и тоа: населба Даљан, населба Воска, ул. „Гоце Делчев“ и ул. „Ариф Мустафа“. Расчистена беше дива депонија создадена од диви кампери на локација после Заливот на Коските и реализирана акција за чистење на депонија создадена од диви кампери во близина на камп Љубаништа.

ЈП „Охридски Комуналец”, во соработка со општина Охрид, започнa со реализација на проект за примарна селекција на комуналниот отпад од домаќинствата, каде беа определени пет улици на кои им се доделени канти за селекција на отпад од хартија и картон, пластика и лименки.

Дистрибуирани беа 120 литарски садови за депонирање на селектиран отпад и тоа 600 садови (жолти) за депонирање отпад од пластика и 600 садови (сини) за депонирање отпад од хартија за домаќинства од улиците: „Будва”, „Винковачка”, „Прилепска” и дел од ул. „Железничка” (потег од кружна сообраќајница на ул.„Железничка” пресек со ул. „Егејска” до сообраќајната клучка на влезот од Охрид-петља). Придобивките од оваа донација се повеќекратни: селекцијата и рециклирањето на отпадот се најдобар начин да се зачува животната средина, се намалува потрошувачката на нови суровини, се намалува користењето на енергијата, се намалува загадувањето на воздухот и водата, а од друга страна неговата реупотреба продуцира профит и намалување на количествата на отпад кои завршуваат на депонија.

Претпријатието активно беше вклучено и во реализација на Програмата за зимско одржување на територијата на општина Охрид за 2024 год. во рамки на која се депонирани абразивни средства во У.З.Стар Град и во образавните институции на територијата на општина Охрид.

Согласно законските обврски кои ги има ЈП „Охридски Комуналец” околу одржувањето на јавните површини во зимски услови и „Програмата за зимско одржување на територијата на општина Охрид” депонирани се вреќи со сол и ризла на повеќе пунктови. Со овие активности се обезбедени мерки за брза интервенција во услови на снег и голомразица за да се овозможи непречено движење на граѓаните и возилата во стариот дел од градот. Поради специфичноста на теренот, тесни и стрмни улици и сокачиња, стариот дел од градот е во приоритетната група за интервенција во зимски услови.

Во поглед на одржувањето на јавното зеленило, реализирани се голем број редовни и вонредни активности активности, меѓу кои  отстранување на цветниот расад кој ги украсуваше зелените површини во изминатата сезона и припрема на леите за засадување на новата цветна реколта.

Се започна со оплеменување на јавните зелени површини во градот и околината со засадување на цветниот материјал viola (очиња) од сопствено производство. Овој цветен саден материјал е издржлив и отпорен на пониски температури па ги разубавува парковите со своите интензивни бои во доцниот есенски период, зимскиот период, се` до напролет.  Се реализира активност за нанесување плодна земја ул. „7-ми Ноември” каде треба да се формираат хортикултурни содржини. Беше извршено и кроење на крошните од дрворедите на ул.„Булевар Туристичка”, дрворедот на пешачката патека од канал Студенчишта до Горица, како и тековно одржување на дрворедот по ул.„Македонски Просветители”.

Се шишаа декоративните садници и грмушки, се вршеше окопување, прашење и кроење на парковските содржини и засадување на цветен расад. Се засадуваа нови садници во делот меѓу двете сообраќајни ленти ул.„Македонски Просветители” и заради поголема безбедност во движењето на пешаците и возилата, се чистеа и кратеа гранки од дрвја во Стар Град.

Се вршеше и припрема на сезонско цвеќе во одделението Расадник за пресадување во градскиот парк, чистење и косење на детски игралишта, косење и чистење на местото Петља од обрасната вегетација, редовна контрола на Чинарите и нивно прихранување, секојдневно наводнување на градскиот парк и одржување на парковската механизација…, додаваат од ЈП „Охридски Комуналец“.

Н.С.Ј.