Првото легално кино во Охрид го направил Миле Мартиноски Петкоски во далечната 1924 год. Кој е Миле Мартиноски Петкоски? Тој потекнува од селото Р’жаново, Струшка Малесија. Татко е на три деца, двајца синови Јордан и Јонче Петкоски и ќерка Грозда Петкоска омажена во фамилијата на Спространовци за Славе Спростран.
За време на Илинденското востание Миле учествува како во подготовките така и во самото востание, вршејќи ја должноста секретар на обласниот комитет за село Р’жаново и Малесија. После пропаѓањето на востанието Миле е приморан да бега и да се крие бидејки османлиите ја бараат неговата глава. За да не падне жив во рацете на османлиите, Миле бега во Охрид каде што позајмува пари од семејството Филипчевци и заминува за Америка, додека пак неговата жена Фанија ја спалува целата документација што тој како областен секретар ја поседувал за да не падне во рацете на Турската империја.
Во Америка тој останува околу 12 години меѓу другото работејки и на изградба на пругата таму. Додека сите одат на трки со коњи Миле оди на кино и станува голем љубител на филмот. Ветува дека кога ќе се врати во стариот крај ќе направи едно кино. Таа своја желба ја остварува во далечната 1924 год. На претходно купеното место од фамилијата Бојаџиевци гради „биоскоп“ на кој му го дава името Кино „Охридско Езеро“. Машините или поточно речено апаратурата во тоа време ги набавува од Австрија, а монтажата ја врши некојси Ернест исто така од Австрија. Тој доаѓа тука заедно со својата сопруга Адела и останува во Охрид се до 1926 година, до пуштањето во работа на киното и после тоа си заминува назад за Австрија.
Првите неколку години киното не работи, туку во неговата сала се одржуваат разни прослави, свечености и свадби на кои скоро секогаш свири Садило со тајфата. После тоа киното почнува со редовна работа. Едни од првите киноапаратери се неговиот син Јордан Петкоски како и неговиот внук Војне Петкоски кој иако доста помлад го совладува тој занает. Треба да се напомене дека тука е ангажрана и целата негова фамилија, во продавање на билети и други активности.
Еден од првите киноапаратери е и Станко Паункоски кој се вработува кај својот тетин. Подоцна негови ученици, а потоа мајстори ќе станат Димче Димоски, Трајче Левески и други. Денес и после толку години киното кое повеќе не работи, се уште му одолева на забот на времето. Тоа со денационализација им е вратено на неговите наследници, додека првиот проектор донесен во Охрид и ден денес се наоѓа во музејот на кинотеката на Македонија.
Многумина од нас и ден денес се сеќаваат на бројните филмови и незаборавните мигови поминати во ова кино.
Љупчо Паункоски