Охридскиот бисер заедно со езерото и Самуиловите тврдини е препознатлив бренд на Охрид. Странските гости особено го ценат, а неретко тој ги краси сопругите на политичарите кои го посетуваат Охрид. Така беше и минатата година за време на одржување на самитот на претседатели на земјите од Централна Европа, кога првите дами на повеќе држави се закитија со охридски бисер, ни раскажува  Михајло Филев, еден од продолжувачите на долгогодишната традиција на семејството Филеви.

– Охридскиот бисер како бренд на Охрид и Македонија, го посакуват сите туристи кои доаѓаат во Охрид. Голем дел ја посетуваат и нашата продавница . Се трудимуе да бидеме квалитетни и  уникатни во моделите што ги нудиме. Туристите покрај што сакат да купат, ги интересира и постапката како се добива бисерот од крлушките на плашицата, што посебно ги фасцинира, вели Михајло Филев.

Но како и многу древни занаети и изработувачите на оригинален охридски бисер се соочуваат со нелојална конкуренција.

– Ние сме занаетчии, но постојат и голем број трговци кои носат бисери во градот. Секако двата бренда Филеви и Талеви се борат да го презентираат во вистинско светло охридскиот бисер, истакнува Михајло.


Приказната за охридскиот бисер ги фасцинира странските посетители – Михајло Филев

Охридскиот бисер, додава Филев, е доста познат на Балканот. Најголеми купувачи се србите, хрватите и словенците, но има доста купувачи и од другите европски земји, но и од Јапонија, додава тој.

Според него и во Македонија охридскиот бисер е ценет и се создава култура на користење на овој накит. Најевтината варијанта чини околу 40 евра, но не е се во парите, вели Михајло Филев: „Мене како мајстор најмногу ме исполнува кога луѓето ги интересира постапката како се добива бисерот, кога сакаат да дознаат нешто повеќе за нашата традиција“.  А, приказната како и традицијата за охридскиот бисер во семејството Филеви се пренесува од колено на колено, со генерации.  „Се гордееме што можеме да понудиме нешто екстра квалитетно за туристите кои го посетуваат Охрид“, завршува Михајло Филев, кој и овој празничен викенд на туристите им ја раскажуваше една од најавтентичните приказни за Охрид, таа за прекрасниот охридски бисер.

Ohridnews