Филмот „Приказна од западот“ (West Side Story) во режија на Стивен Спилберг, е прогласен за најдобар мјузикл или комедија на вчерашното доделување на „Златните глобуси“. Филмот доби три награди.
Преработката на тој мјузикл од 1961 година раскажува за една љубов меѓу двајца млади, сместена во костец меѓу ривалските улични банди. Ѕвездата на новиот филм – Рејчел Зеглер е наградена за најдобра глумица во мјузикл или комедија.
Здружението на странски новинари во Холивуд (ХФПА), кое го организира „Златен глобус“, ја прогласи „Моќта на кучето“ (The power of the dog) за најдобра драма. И овој филм доби три награди од мможни седум номинации. Никол Кидман доби одличје за најдобра глумица во драма, за „Да се биде Рикардо“ (Being the Ricardos). „Златниот глобус“ за глумец во драма му припадна на Вил Смит за улогата во „Кралот Ричард“, а најдобар актер во мјузикл или комедија е Ендрју Гарфилед во „Тик, тик… БУМ“.
Наградата за најдобра режија ѝ припадна на Џејн Кемпијон за „Моќта на кучето“. Јапонскиот филм „Возејќи го мојот автомобил“ е најдобар филм од неанглиско говорно подрачје.
Глумците, режисерите и филмските студија во голема мера „ги игнорираа“ наградите „Златен глобус“ оваа година, по критиките во 2021 година – дека организаторот ХФПА работи „со сомнителни етички политики“ и без членови црнци.
Ен-би-си, кој долги години го емитува настанот, одлучи да не ги емитува овогодишните награди.
ХФПА, која го прошири и инклузивизираше своето членство и ја ревидираше својата практика, ги објави своите селекции на свеченоста зад затворени врати во Беверли Хилс. Добитниците јавноста ги дозна преку социјалните мрежи и на интернет-страницата на „Златен глобус“.
Доделувањето, инаку, привлекува милиони ТВ гледачи, кои ги следат филмските ѕвезди на црвениот тепих и вечерта којашто создава гламурозно, но неформално чувство на споредба со „Оскарите“ – најпрестижните филмски награди во индустријата.
OhridNews