Шефот на паравоената група Вагнер Евгениј Пригожин штотуку објави 11-минутна аудио порака, прва по бунтот што го организираше во саботата, кој заврши со повлекување на неговите борци.

Во пораката тој вели дека причината за бунтот е тоа што никој од командантите не се согласил да потпише договор со руското Министерство за одбрана и дека поради тоа неговата платеничка чета била принудена да престане да постои на 1 јули.

Командантите во Вагнер мислеа дека ако потпишат со Министерството за одбрана, ќе се претворат во топовско месо поради начинот на кој редовната армија се покажа во акциите, рече Пригожин.

Тој додаде дека некои борци решиле да се приклучат на силите на Министерството за одбрана, но дека тие се малкумина.

Ние бевме категорично против тоа… Но, правевме инвентура, планиравме да се појавиме во Ростов на 30 јуни и јавно да ја поставиме нашата опрема во близина на раководството на армијата. Сепак, и покрај тоа што не покажавме никаква агресија, бевме погодени. Во воздушен напад загинаа 30 борци и тоа не принуди веднаш да тргнеме. Целта на нашата акција беше да го спречиме уништувањето на Вагнер и да ги изведеме пред лицето на правдата оние кои со своите непрофесионални постапки направија голем број грешки за време на специјалната воена операција. Имаше барање за тоа во јавноста, рече меѓу другото шефот на приватната воена компанија Вагнер.

Тој додаде дека запреле во моментот кога „првиот јуришен одред ја распоредил артилеријата и извршил извидување на теренот од што било очигледно дека во тој момент ќе се пролее многу крв“.

Пригожин вели дека целта на бунтот не била соборување на владата и дека маршот на Вагнер кон Москва покажува „сериозни безбедносни проблеми“ во Русија.

Тој рече дека војниците на Вагнер добиле поддршка од луѓето во градовите низ кои минувале. Исто така, соопшти дека белорускиот претседател Александар Лукашенко му обезбедил на Вагнер начини да продолжи да функционира.

Во својата аудио порака тој не соопшти на која локација се наоѓа.

Во согласност со договорот постигнат со посредство на белорускиот лидер Александар Лукашенко кој ја смири кризата доцна во саботата, Кремљ соопшти дека кривичното дело против Пригожин ќе биде отфрлено и тој ќе се пресели во Белорусија. Сепак, некои московски медиуми објавија дека постапката против Пригожин не е прекината и дека истрагата продолжува.

Пригожин не е виден во јавноста откако го напушти Ростов доцна во саботата и до денеска не го коментираше договорот или бунтот.

Според пишувањето на прокремаљскиот Лента.ру, кој се повикува на каналот Бриф на Телеграм, Пригожин е забележан во хотелот Грин сити, со три ѕвезди, на периферијата на белоруската престолнина, Минск. Од хотелот не можеле да ја потврдат информацијата, повикувајќи се на доверливост на податоците на гостите.

OhridNews
Фото:? Принтскрин Јутуб