Поради екстремно ниските температури Министерството за труд и социјална политика апелира до граѓаните доколку забележат бездомно лице да го пријават на дежурните телефонски броеви за да биде сместено во некои од прифатните пунктови коишто се во функција од почетокот на зимскиот период.

Во општина Охрид нема официјално регистрирани бездомни лица, но доколку граѓаните забележат потреба некое лице да биде згрижено, можат да се јават на телефоните 070 317 612; 046 781 733, од прифатниот центар во Струга.

По пријавата на телефонските броеви мобилни тимови од Центрите за социјална работа и на Црвениот крст излегуваат на терен и ги згрижуваат бездомниците во неколкуте пунктови низ Македонија каде што добиваат чиста облека, топол оброк, греење и лекарска помош. На лицата коишто одбиваат да се сместат во некој од пунктовите им се дистрибуира вреќа за спиење, ќебе, облека, храна.

МТСП ги задолжи сите Центри за социјални работи низ Македонија на своите веб страници да објават дежурни телефонски броеви за пријавување на бездомниците и другите семејства без соодветни услови за живеење. За лицата и за семејствата кои од најразлични причини се доведени во состојба да немаат дом, како една од формите за вонинституционална социјална заштита на бездомни лица, воспоставен е Центар за бездомни лица Чичино село кој функционира согласно Законот за социјална заштита.

OhridNews