Согласно Правилникот прифатени се три кандидатури за претседател на СДСМ од страна на Централната изборна комисија, изјави денеска на прес – конференција Славјанка Петровска, пратеничка на СДСМ. Таа потсети дека рокот за поднесување кандидатури за претседател истече вчера, а биле поднесени четири кандидатури.

Денеска согласно правилата заседаваше Централната изборна комисија и одлучија дека три кандидатури се целосни со сите потребни документи и услови согласно правилата и условите кои беа распишани, а една кандидатура не е и таа е отфрлена со одлука на Централната изборна комисија и кандидатот кој ја поднесе е известен за тоа, одговори Петровска на новинарско прашање до каде е постапката за верификација на поднесените кандидатури, дали денеска комисијата ги разгледуваше и донесе одлука.

Инаку, доставени беа четири кандидатури за партиски лидер на СДСМ, од Димитар Ковачевски, актуелен заменик-министер за финансии, Фросина Ременски, поранешна пратеничка и потпретседателка на СДСМ, Властимир Алексовски, член и активист на СДСМ од општинската организација на партијата од Куманово и од Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата на технолошко индустриски развојни зони.

OhridNews