Ракометарите на Флензбург го освоија златниот медал во Лигата на Шампиони засенувајќи ги ѕвездите на Барселона и Кил. Пласман на завршниот турнир Флензбург озбезбеди победувајќи го Вардар во 1/4 финалето.
– По двомечот со нив во 1/4 финалето не сум воопшто изненаден од тоа што го освоија првото место во Лигата на Шампиони. Тие немаат ниту една ѕвезда во екипата, но имаат нешто што ете на крајот се покажа дека ниту една друга екипа го немаше на завршниот турнир – потенцираше Немања Прибак.
Во полуфиналето со Барселона и финалето со Кил новиот ракометен владател имаше негатива од шест погодоци, но сепак на крајот се радуваше на победи.
– Секоја чест за нивната борбеност. Не се предадоа и кога имаа негатива од шест погодоци, а нивните ракометари и тренерот им покажаа на целиот свет дека мора да се верува до крајот ако се сака победа – додаде Прибак.
Капитенот на Вардар, Филип Лазаров се присеќава на двомечот со Флензбург, на кој „црвено црните“ останаа дефицитарни за еден погодок.
– Ситници не делеа од пласман на завршниот турнир во Лигата на Шампиони, малку и среќата ни го сврте грбот, но од овој аспект сега гледам дека не случајно Флензбург го преживеа скопскиот пекол – рече Лазаров.
Мх.П.