– Одамна имав желба да заиграм во дресот на македонската ракометна репрезентација, но ете сега дојде тој момент и навистина ми е чест што ќе ги бранам боите на земјата – рече новопечниот репрезентативец Немања Прибак и додаде – Во неколку наврати имав разговори со селекторот Ивица Обрван и мислам дека заедно донесовме вистинска одлука. Сакам да и помогнам на Македонија да оствари добар резултат на ова континентално првенство во Данска.


Прибак, кој игра на позицијата среден бек четири сезони настапува во Вардар и не му е потребно време за адаптација или запознавање на соиграчите.

– Сигурен сум дека тоа што веќе четири сезони настапувам за Вардар, ќе биде олеснителна околност за сите мои идни соиграчи од репрезентацијата. Мислам дека многу полесно ќе им биде на Сојанче Стоилов, Филип Лазаров, Филип Миркуловски, Наумче Мојсовски… да играат со мене, бидејќи тие знаат како јас функционирам на теренот. Македонија има многу квалитетни ракометари кои играат на врвно ниво во последните пет години, но сепак и ним им треба одмор на некои натпревари, бидејќи распоредот е многу густ, а знаеме дека во такви моменти е потребна “подолга клупа”. Се надевам дека со моето доаѓање, и доаѓањето на Ренато Вугринец тоа и ќе се оствари, односно голем дел од ракометарите ќе бидат порастоварени. Ја прифатив оваа работа, и се договорив да настапувам подолг временски период за македонската репрезентација. Селекторот Обрван го даде своето мислење, јас моето, и мислам дека ќе помогнам Македонија да оствари еден подолг континуитет на настапи на големите натпреварувања. Впрочем, тоа е и основната цел на оваа репрезентација – потенцираше Прибак.

Македонија на последното Европско првенство го направи историскиот успех пласирајќи се на петтото место, а според Прибак нема лесен противник на големите натпреварувања.

– Мислам дека ЕП е секогаш многу поквалитетно од СП, затоа што тука нема лесен противник. Франција, Данска, Хрватска и Шпанија се селекциите кои се секогаш при врвот, и тие се главни фаворити за титулата. Што се однесува до нашата група, Данска е голем фаворит за првата позиција, Чешка е навистина незгоден противник, и мислам дека тоа е репрезетација која може секого да победи, но и од секого да загуби. И Австрија е силна репрезентација, а за тоа говори и фактот дека во квалификациите имаше одличен резултат, и се најде место погоре од Русија. Успеа да ги совлада Србија и Русија на свој терен, што доволно говори за нивниот квалитет. Самиот факт дека една ракометна велесила како што е Германија, каде што се игра најсилната европска ракометна лига, не обезбеди место на ова ЕП, доволно говори за квалитетот. Но, мислам дека ние сме квалитетна селекција, и на никого нема да му биде лесно да игра против нас. Примарна цел ни е пласман во следната фаза, а таму вкрстуваме со групата “Б”, па ќе видиме како ќе се одвиваат работите – заврши Прибак.

Тој поради настапот за репрезентацијата на Србија ќе нема право да настапи во првата фаза, а на селекторот Обрван ќе му биде на распологање за втората фаза од Европското првенство.

 

Извор „Рквардар“

Мх.П.