Голема поддршка од охридските клубови на моторциклисти доби Секторот за внатрешни работи Охрид во доследната примена на законската одредба за задолжително носење заштитен шлем-кацига при управување на моторцикл. На вчерашниот координативен состанок со претставниците на охридските мото и велосипедски клубови како ранлива категорија учесници во сообраќајот, беше нагласено дека СВР Охрид во насока на зголемување на безбедноста во сообраќајот треба да манифестира пред се превентивни активности за афирмација на законската обврска за задолжително носење заштитен шлем при управување на моторцикл на патот.
Беше речено дека придржувањето кон оваа законска обврска е ефективен начин да се избегнат и намалат сообраќајните незгоди со тешки последици за моторциклистите и нивните сопатници. Од страна на претставниците на СВР Охрид беше кажано дека покрај управување технички исправен моторцикл, неопходно е прописно управување моторцикл со почитување на патната сигнализација, поседување возачка дозвола со соодветна категорија и прописно поставена регистарска табличка.
Иако се предложени измени но сеуште нема законска одредба за задолжително носење на заштитна кацига при управување со велосипед, на состанокот беше потенцирано дека заштитниот шлем и рефлектирачката опрема значително ќе ја зголемат безбедноста на велосипедистите што ќе придонесе за безбеден развој на велосипедскиот сообраќај во градот. Во таа насока, претставниците на велосипедските клубови побараа збогатување на велосипедската инфрастуктура за подобрување на условите за возење велосипед што ќе води кон развој на урбаниот велосипедизам.
Од состанокот произлезе идејата за оформување на заеднички патроли од полициски службеници, моторциклисти и велосипедисти а посебно беше потенцирана потребата од превентивни кампањи за подигнување на сообраќајната едукација не само на оваа категорија туку и на сите учесници во сообраќајот.
Вчерашниот координативен состанок доаѓа во пресрет на туристичка сезона кога СВР Охрид планира ефективни, пред се превентивни мерки со цел подигнување на сообраќајната безбедносна култура и почитување на законските одредби од Законот за безбедност во патниот сообраќај.
OhridNews