Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „непостапување според здраствените прописи за време на епидемија“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против 48-годишна жена од Охрид, како и против 48-годишно лице од Швајцарија, со привремено престојувалиште во Охрид.
- Лицата не постапиле по мерката за самоизолација од 14 дена и не се придржувале според одредбите по писмената изјава за самоизолација, која што на 09.03.2020 своеволно ја потпишале на граничниот премин „Ќафасан“. При контрола извршена на 19.03.2020 година, полициските службеници утврдиле дека пријавената не се наоѓала во нејзиниот дом во Охрид, додека пријавениот на 18.03.2020 година е забележан како управува патничко возило, по што бил сопрен на регионалниот пат Охрид-Струга. Со тоа, пријавените ги прекршиле мерките за самоизолација и постапиле спротивно на прописите за спречување на појава, внесување, рано откривање, спречување на ширење и сузбивање на коронавирус COVID – 19, предвидени во одлуката на Владата и писмената наредба донесена од страна на Министерството за здравство, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Димоски додава дека безбедносната состојба на подрачјето на седумте општини што ги покрива СВР Охрид е стабилна. Полициски службеници вршеа мото-патроли низ градските средини и приградските населби. Притоа, не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир и нема регистрирани сообраќајни незгоди. Непречено се реализираат активностите кон лица што се ставени под мерки за самоизолација, здравствен надзор и домашна изолација.
Од СВР Охрид со апел до граѓаните, строго да ја почитуваат одлука на Владата за забрана на движењето од 21.00 до 05.00 часот секој ден, како и дисциплинирано да се придржуваат до сите останати препорачани мерки и насоки во врска со спречувањето на ширењето на корона вирусот (COVID-19), а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници. Граѓаните, на бесплатниот телефонски број 08 0000 201 или на 192, можат да ги пријавуваат сите случаи на лица кои ги прекршуваат одредбите за задолжителна 14-дневна самоизолација. Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик, потенцираат од СВР Охрид.
Претходно Основното јавно обвинителство Охрид поднесе Предлог за издавање казнен налог против едно лице на возраст од 61 година, жител на Охрид кој го сторил кривичното дело–Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.
- На обвинетиот на 19 март му била издадено решение од Министерството за здравство–Државен санитарен и здравствен инспекторат со цел навремено преземање на посебните противепидемиски мерки за заштита на населението од ширење на опасната болест предизвикана од коронавирусот. Тој имал претходен контакт со лице заболено од COVID 19, па бил ставен под здравствен надзор во период од 14 дена со обврска да биде во домашна изолација поради опасност од натамошно ширење на болеста. Но, на 21 март обвинетиот излегол од домот и се упатил во непознат правец, информираат од ОЈО.
Со Предлогот за издавање казнен налог, јавниот обвинител побара од судот на обвинетиот да му изрече парична казна во висина од 100 дневни глоби при што секоја глоба да е во висина од 20 евра во денарска противвредност.
OhridNews