Во текот на 49-та недела од 2023 година (04.12-10.12.2023), во државава се пријавени 87 случаи на групни пријави за заболени од грип/заболувања слични на грип, 40,3% повеќе во споредба со претходната недела.
Бројот на пријавени лица оваа недела споредено со 49-та недела од минатата сезона е намален за 6,5%, а во споредба со бројот за 49-та недела од типичната епидемиска крива (моделирана од последните 13 сезони), намален е за 6,5%.
Во текот на 49-та извештајна недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РСМ, пристигнаа 31 материјал од рутинскиот надзор за лабораториско тестирање, паралелно тестирани за грип и КОВИД19. Притоа, не се детектирани позитивни случаи на Influenza. Регистрирани се два пациенти со КОВИД-19 и осум со респираторен синцицијален вирус (RSV). Пријавената инциденца е под неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип, односно сѐ уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип, информираат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Во однос на возрасната дистрибуција, 38 лица се на возраст од 15-64 години, 28 кај деца на возраст од 0-4 години, 17 кај деца на возраст од 5-14 години и 4 се регистрирани кај лица на возраст над 65 години. Највисока инциденца (29,0/100.000) се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години.
Заболените се пријавени од 13 ЦЈЗ/ПЕ, во Дебар – 49, Битола – 8, Тетово – 7, Куманово – 5, а во Кичево, Кавадарци, Берово, Охрид, Прилеп, Скопје, Струмица, Гостивар и Радовиш бројот на пријавени е помал од 5. Во 12 извештајни единици кои пријавија случаи во текот на оваа недела се регистрира многу ниска, а во една (Дебар) – средна активност на вирусот на грип, додаваат од ИЈЗ.
OhridNews