Во Охрид допатуваа и дел од преживеаните патници од бродот „Илинден“, кои видно возбудени се присетуваа на страотните моменти.
– Последна го напуштив бродот кога видов дека Капетанот се уште е на кормилото. Бевме на метар еден до друг кога тонеше бродот. Тогаш се пуштив во вода и Капетанот ми го спаси животот, за што му сум благодарна и засекогаш ќе му бидам благодарна. Во несреќата го загубив сопругот за што многу жалам. Не знам кои се причините за несреќата, но мислам дека се комплексни. – раскажува Марија Павлова, преживеан патник од бродот „Илинден“.
Роднините на загинатите бугарски туристи денеска во ресторанот „Далга“ се сретнаа со градоначалниците на Охрид и Пирдоп, од кои побараа да се дознае вистината за големата несреќа.
– Ние најнапред сакаме да се открие причината за трагедијата и виновниците. Потоа ќе покренеме постапка за соодветно финансиско обештетување, изјави К’нчо Георгиев – Претседател на Здружението на роднини на загинатите бугарски туристи.
Бродот Илинден на 5-ти септември 2009 година потона во водите на Охридското Езеро, на околу 200 метри од автокампот „Елешец“, при што животот го загубија 15 туристи од Бугарија. Благодарение на присебноста на посадите на бродовите „Александрија“ и „Кристина“ и неколккумина спасители кои биле во непосредна близина, успешно беа спасени 38 бугарски туристи. По неколкумесечна истрага Основниот суд во Охрид подигна обвинение против капетанот на бродот „Илинден“ Сотир Филески, и овластениот претставник на германски Лојд, Бранко Баиќ , кој го извршил техничкиот преглед на пловилото. Тие се товарат за предизвикување тешки дела по безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.