Бугарските туристи кои ja преживеаја несреќата на бродот Илинден кој денеска потона во Охридското Езеро, вечерва со специјален лет што го обезбеди Владата на Бугарија, отпатуваа од Охрид за Софија. Меѓу нив беа и две потешко повредени лица за кои беше обезбедена лекарска придружба. Нив од аеродромот Св. Апостол Павле ги испратија македонскиот претседател Иванов и неговиот бугарски колега Прванов кој допатува во Охрид да се запознае со деталите за несреќата, која според преживеаните била страотна.
Преживеаните ни раскажаа дека меѓу загинатите има и цели семејства, брачни парови, а во трагедијата се удавиле и осуммина жители на селото Антон. За несреќата преживеаните го обвинуваат бродот, но и самите себе.
– Бродот бил од 1924 година, но ние тоа го разбравме отпосле. Сигурно причина за несреќата е бродот, но не обвинуваме никого затоа што и ние сме биле нетпретпазливи бидејќи не побаравме елеци за спасување. А можеби причина за несреќата е и тоа што се качивме повеќе луѓе отколку што можел да прими тој брод, ни изјави друг преживеан.
На бродот според СВР Охрид имало 53 бугарски туристи и тројца македонски државјени меѓу кои и капетанот Сотир Филески, кој ја преживеа несреќата. Тој се наоѓа на распит пред истражните органи. Во изјавата пред полициските инспектори тој бил видно шокиран и вознемирен од трагедијата. Иако бил конфузен во изјавите истакнал дека почувствувал како се случува дефект и ја загубил контролата на кормилото по што бродот се навалил на една страна и за кратко време потонал.