Турско кафе, локум, турски чај, баклава, шеќерпаре, ашуре, разгледување на турското катче, старите занаети, охридската чаршија презентирани пред охриѓани и гостите, потврда за мултиетничкиот живот во Охрид.

Попладнево на плоштадот во Охрид се одржа манифестацијата „Минатото е богатство на еден народ“ финансирана од Општина Охрид и ТЛЕР, а во организација на Здружението за промоција на хуманитарни, културни, образовни и еколошки вредности „Синан Челеби“ Охрид.

Манифестацијата беше отворена со настап на музичка и играорна група, по што следеа обраќања на проектниот координатор, Инџи Ахмет и градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

Охрид освен што е широко познат и признаен туристички град со гордост кажуваме и дека е еден мултиетнички град, во кој секогаш владее мултиетнички живот, разбирање, взаемно почитување и помагање вели Ахмет.

За ова ни сведочат многубројните споменици на културата, објектите и мултиетничкиот состав во сите делови на градот како што е и старата Охридска чаршија. Особено ова се докажува со старите занаети коишто за жал со модернизацијата се намалиле, исчезнале или се преточиле во други форми на индустриско производство. Со овој проект сакаме да укажеме на мултиетничкиот живот во Охрид кој од секогаш владеел преку старата Охридска чаршија и старите занаети. Да се навратиме на минатото, дека и ние сме како што овде го презентираме ашурето како турски специјалитет, кој специјалитет содржи многу состојки, како народ „сите тие состојки во тој казан“ и сите сме заедно во тоа, рече Ахмет.

Потенцираше дека заинтересираните туристи може слободно со туристичкиот водич да ја разгледаат чаршијата и да вкусат од специјалитетите на турската кујна, а во видео презентацијата се опфатени податоци за старата чаршија и занаетите.

Градоначалникот Пецаков истакна дека само со одлично познавање на минатото можеме да ја креираме нашата извесна иднина, а не како што во изминатиот период одредени структури не убедуваа дека, тоа, минатото не било важно или дека е помалку битно.

Токму денешниов настан покажува дека со неоптоварен поглед кон минатото, уважувајќи ги нашите културни разлики, можеме и знаеме да градиме побогат и посреќен заеднички живот за сите охриѓани. Вие, наши драги охриѓани припадници на турскиот народ, досега не броено пати сте покажале дека хармонијата со македонскиот народ, ништо не може да ја поремети. Верувам дека, иако многу добро се познаваме, вечерва преку презентација на турската култура и традиција имаме можност уште повеќе да ги продлабочиме нашите врски и искрени пријателства, додаде Пецаков.

Инаку, ова е втора година по ред како се спроведува манифестација од овој тип од страна на здружението, а со поддршка на Општина Охрид.

Н.С.Ј.