Овој проект според градоначалникот Александар Петрески, ќе придонесе за промоција на културното и природно наследство и севкупниот труистички потенцијал на градот. Проектот кој се реализира со средства од предпристапните фондови на ЕУ, општина Охрид го спроведе во соработка со општината Пефка-Грција чии претставници не присуствуваа на промоцијата на резултатите од проектот. „Сметам дека единствена причина за тоа е актуелниот политички момент и наметнатиот проблем со името“, рече Петрески.
Според Манфред Бух, раководител на проектот за изработка на националната стратегија за развој на Македонија, Охрид има извонредни развојни потенцијали. Тој сепак потенцира дека реализацијата на проектот „Духот на Охрид“ е само еден од многуте чекори кои треба да се направат за подобрување на туристичките можности на Охрид. Градот има неверојатен потенцијал и со вистински одржлив развој за три години може да очекува повеќе гости од западна Европа. За тоа треба да се создадат одредени услови, да се заврши категоризацијата и да се подобрат гостопримството и однесувањето како на граѓаните така и на вработените во туристичко-угостителската дејност, рече Бух. Тој напомена дека Охрид е прва општина која го применува Географскиот информатички систем во презентација на своите туристички капацитети и културно-историското наследство.