Во рамки на проектот „Регионот Охридското езеро-безбедна дестинација за авантуристички туризам“ кој е финансиран од Европската Унија, ИПА 2 програма за прекугранична соработка, а го спроведува Црвен крст Охрид, во Поградец, Албанија, беше презентирана дел од опремата за безбедност на вода набавена во рамки на проектот и наменета за албанската страна. На презентацијата присуствуваа евроамбасадорот во Албанија Луиџи Сорека, претставници на Владата на Р.Албанија, Градоначалникот на Поградец, претставници на Федерацијата за спасување на вода од Албанија, претставници на Националниот центар за животна средина, туризам и одржлив развој од Албанија како партнер на проектот и членови на Спасителната служба на Црвен крст Охрид. Целта на проектот е воспопставување на безбедни услови за капење, спорт и рекреација на Охридското Езеро од албанска страна според меѓународни стандарди.
На презентацијата беа претставени и новите 20 спасители на вода обучени во Албанија и се најави обука на уште 20 спасители на вода во месец јуни. Тие оваа летна сезона ќе се грижат за безбедноста на посетителите на албанските капалишта на Охридското Езеро.
Од страна на координаторите на проектот присутните беа запознаени со досега реализираните активности во рамки на проектот. Беше потенцирана и потребата од продлабочување и проширување на прекуграничната соработка во делот на безбедност на вода и безбедност на планина, за што поддршка најави и претставникот на Делегацијата на Европската Унија во Албанија, информира Црвениот крст Охрид.