На Форум кој ќе се одржи во Охрид следната недела ќе бидат презентирани резултатите од истражување на задоволството на граѓаните од услугите на јавните комунални претпријатија на Општина Охрид.
Форумот е во рмаки на проектот „Заедно со потрошувачите во дигитализација и модернизација на јавните комунални услуги во Општина Охрид“ кој го спроведува Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) врз основа на договор со Институтот за европски политики (ЕПИ). На истиот се очекува да присуствуваат сите засегнати страни, потрошувачи, локални медиуми, претставници од локална самоуправа, Совет за заштита на потрошувачи на Охрид, претставници од јавните комунални претпријатија и ГО.
На Форумот ќе бидат презентирани наодите од истражување на задоволството на граѓаните од услугите на јавните комунални претпријатија на општина Охрид, извештајот за спроведените интервјуа со јавните комунални претпријатија и претставници на Општина Охрид и предлог насоките за подобрување на електронската достапност на административните постапки за комуналните услуги во општина Охрид. Ќе се отвори дискусија со присутните засегнати страни за прифаќање на предлог-насоките и нивна имплеметација во работата на јавните комунални претпријатија и локалната администрација. Добиените сугестии и предлози од овој Форум од заинтересирани страни ќе бидат вклучени во подобрување на предлог-насоките, посочуваат организаторите.
Инаку, проектот е дел од грантовата шема за доделување на мали грантови од областа на реформата на јавната администрација во рамките на проектот WeBER 3.0, финансиран од Европската унија и кофинансиран од Австриската Развојна агенција.
Форумот ќе се одржи на 18 февруари во хотелот Милениум Палас.
OhridNews