Во рамките на Прличевите беседи вечерва во 19ч. во Центарот за култура Григор Прличв премиерно ќе биде прикажан македонскиот филм „Превртено“ во режија на Игор Иванов, работен според романот „Папокот на светот“ од Венко Андоновски.
По својата успешна документарно-краткометражна фаза како автор на ТВ документарниот серијал Subway(од што произлезе целовечерниот документарен филм Новиот економаки поредок/Н.Е.П. прикажан на Лондонскиот Фестивал на Фестивалите во 1995 година) и огромниот успех со краткиот игран филм „Бубачки“ (прикажан во краткометражната Компетиција на Берлинскиот фестивал во 2004 и со освоената Гранд-При “Златниот Леопард” во 2006 во Локарно) – Игор Иванов го потврди својот авторски талент со дебитантското целовечерно играно остварување „Превртено“. Ова најново филмско дело ги надгради базичните вредности на прозниот текст на романот на Венко Андоновски “Папокот на светот”, во смисла на визуелно доразвивање на изворните идеи кои во филмската верзија ја збогатуваат параболата за современата цивилизација во која се задушува духот на индивидуата и интимната неостварена љубов, како први кои се жртвувани на олтарот на глобализацијата. Алтер егото на изворниот романописец и на филмскиот режисер е централниот лик на младиот бунтовник со-и-без причина Јан Лудвиг кого зрело и со модерен актерски сензибилитет го игра Милан Тоциновски. Визуелната пак димензија со апсолвирана дебитантска зрелост ја оформува и кинематограферот Томи Салковски. Накусо заклучено„Превртено“ ја збогатува македонската филмска уметност со својата изразно-рефлексивна многуслојност и е нов репрезент на разновидноста на најновата македонска продукција и новото кинематографско-новобрановско крило.
ohridnews