Во рамки на неделата на борба против ракот, Црвениот крст на плоштадот кај чинарот денеска одржа едукативна средба со граѓаните. Стручни тимови и активисти на Црвениот крст на граѓаните им делеа едукативни матерјали и совети со цел нивно запознавање со ризиците од разните видови малигни заболувања, како и за начините за заштита и превенција на ракот. Граѓаните кои ги знаат и ги практикуваат здравите начини и стилови на живеење добија пригодни подароци од активистите на Црвениот крст.
Кампањата за борба против ракот се одвива под мотото „РАЗМИСЛЕТЕ УШТЕ ЕДНАШ! ШТО ПРАВИТЕ СО ВАШЕТО ЗДРАВЈЕ?“
Целта е да се подигне свеста на граѓаните за малигните заболувања кои се втора причина за смртност во светот веднаш после кардио-васкуларните заболувања. Според проценките на Светската здравствена организација во 2005 година околу 7,6 милиони луѓе умреле од малигни заболувања, а 84 милиони луѓе ќе умрат во периодот од 2005 до 2015 година доколку не се преземат мерки за намалување на морбидитетот и морталитетот од овие заболувања.
ohridnews