Во рамките на кампањата „Безбедно лето“, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ и волонтери на Црвениот крст од Охрид во водите на Охридското Езеро спроведоа превентивно-едукативна кампања за заштита од топлотен удар.

Тим од полициски службеници и волонтери со полициски глисер реализираа патролни активности и остварија кратки средби со граѓаните кои со своите пловни објекти пловат по езерото. Притоа, низ разговори, полициските службеници и волонтерите, ги потсетуваа граѓаните како да се однесуваат при топло време и високи температури, како да постапуваат кога тие или други лица во пловилото не се чуствуваат добро, кои се првичните неопходни мерки при манифестирање топлотен удар, а им делеа и вода за освежување и ги потсетуваа на останатите препораки за заштита од топлотен удар, информираат од МВР.

Тимовите, посочуваат, посебно потсетуваа на потребата граѓаните да бидат добро хидрирани, да носат светла облека, да не користат алкохол пред и за време на управување со пловилото, да избегнуваат патувања во најтоплите периоди од денот, да практикуваат почести застанувања на брегот и престој под сенка и други корисни информации за зголемена безбедност.

Притоа, додаваат од МВР, на граѓаните им беше поделен и едукативен материјал со практични препораки од Министерството за здравство и Црвениот крст на РСМ „Како против топлотниот бран“.

OhridNews