Во периодот од 18 до 22 ноември 2024 година, Отсекот за превенција при СВР Охрид реализира повеќе едукативни работилници во неколку основни училишта на подрачјето на Охрид и одржа работна средба со Локалниот совет за превенција од детско престапништво.

Тема на едукативните предавања одржани пред околу стотина ученици од седмо и осмо одделение беше „булингот и сајбер булингот“, како облик на насилства и агресивно однесување помеѓу младите. Притоа, полициските службеници низ интерактивна комуникација со учениците, ги објаснуваа формите на овие асоцијални и девијантни појави кои, сериозно ја загрозуваат безбедноста на учениците со посебен акцент на начините за препознавање, избегнување, пријавување на истите, како и на законските овластувања на полициските службеници и казнените одредби за сторителите, посочуваат од СВР Охрид.

Во истиот период, додаваат, полициските службеници од Отсекот за превенција при СВР Охрид во соработка со Црвениот Крст-Охрид, со околу 400 ученици во средношколскиот центар „Св.Наум Охридски“ во Охрид, го спроведоа и превентивниот проект „Кажи НЕ на дрогата, ДА на животот“.

Целта на превентивно-едукативната активност, е информирање на младите за штетноста по здравјето од користење наркотици, како и другите негативни влијанија кои го има дрогата врз развојот на младата личност, потенцираат од СВР Охрид.

OhridNews