Шест дена пред изборниот молк и осум дена до лoканите избори во Охрид се разжестува политичката кампања во Охрид. Тројцата кандидати за градоначалници покрај секојдневните гостувања на медиумите имаат набиена агенда со бројни средби со граѓани и интересни групи. Во Изборните штабови се чувствува нервоза, која полека се пренесува и на симпатизерите, што најмногу се забележува на социјалните мрежи. Но засега кампањата во Охрид тече во фер и демократска атмосфера и без инциденти, е генералната оценка на тројцата кандидати за градоначалник на Охрид. Тие изразија надеж дека така ќе остане до крајот на изборите.

-Кампањата во Охрид е во самиот финиш. Освен некои ситни притисоци за кои ние имаме наши сознанија кои ќе ги соопштиме на посебна прес конференција, таа се одвива во една мирна атмосфера, но ќе видиме како ќе биде понатаму. Мене не ми треба да бидам јас иден градоначалник доколку нешто се случи некому, настане повреда или не дај боже смртен исход. Јас сакам и се залагам за достоинствена, фер и демократска кампања и се надевам дека така ќе биде до крај. Нека победи подобриот, а граѓаните сами да одлучат кој е тој на кого треба да му ги дадат своите гласови. – изјави Д-р Митко Тилевски, кандидат за градоначалник на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата.


Д-р Митко Тилевски – ВМРО ДПМНЕ

-Сметам дека досегашниот тек на кампањата се одвива онака како што стои во кодексот кој го потпишавме, а тоа е да се одвива на фер и демократски начин. Досега немаше никакви исклучоци од она што се договоривме и од она што формално го потпишавме и посакувам и во наредниот период до 13-ти до започнувањето на молкот, а и на 15-ти октомври на самиот чин на локалните избори да заврши онака како што се одвива кампањата досега. Граѓаните знаат дека доаѓа најжестокиот период во последните денови од кампањата и сметам дека барем од страна на СДСМ нема да има никакви нарушувања на изборниот процес и на сето она коешто ние како кандидати сме се договориле. Блага е границата помеѓу она што значи притисок и лобирање. Во изборниот процес имаме лобирање, кое треба да биде на еден демократски начин и да се одвива според моралните принципи на водење на една кампања. Јас цврсто ги уверувам граѓаните дека ниту од централната власт, ниту од наша страна досега има некакви притисоци врз нашето членство или врз членството на ДПМНЕ, а би посакал и тие исто да се однесуваат затоа што ја имаат во моментов локалната власт, ги имаат и директорите на јавните комунални претпријатија и да не вршат никакви притисоци врз вработените. – вели проф. д-р Јован Стојаноски, кандидат за градоначалник на СДСМ и коалицијата.


Проф. д-р Јован Стојаноски (десно)

Јас очекував дека со промената на власта ќе имаме многу поквалитетни локални избори, дека ќе бидат на повисоко ниво односите помеѓу власта и опозицијата и кон независните кандидати, но за жал од она што го гледам на социјалните мрежи и препукувањата помеѓу двата политички табори за работи кои не заслужуваат поголемо внимание се создава нервоза меѓу граѓаните на Охрид. Сметам дека ние како охриѓани треба да сфатиме дека локалните проблеми и кој ќе биде градоначалник на општина Охрид не треба да создаваат нервоза, а секое евентуално влијание врз гласачите на изборот од централната власт значи мешање во фер избори. – истакна независниот кандидат за градоначалник Стевче Стевовски.


Стевче Стевовски

Локалните избори ќе се одржат на 15-ти октомври.

Г.М.