На регионален настан во Општина Струга, денеска ќе биде промовиран проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, финансиран од Европската Унија, кој го спроведува Фондацијата „Чекор по чекор“ со партнерите: Здружение за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружение за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак“, вo соработка со Министерството за образование и наука.
Целта на проектот е да придонесе кон обезбедување рамноправен пристап на децата со попреченост до квалитетна настава и пристапна и стимулативна средина за учење, преку месечни стипендии и образовна поддршка за учениците со попреченост, грантови и обука за училиштата, како и развивање на јавната свест. Овој проект се залага за квалитетно и инклузивно основно образование со цел секое дете да има еднакви можности за развој, учење и остварување на своите потенцијали, соопшти Фондацијата „Чекор по чекор“.
За промоција на проектот се организирани неколку регионални средби на кои се поканети претставници од општините, училиштата, граѓански организации, општествено одговорни компании и поединци.
Целта на овие настани е да се разговара за инклузијата и инклузивното образование, да се претстават локалните текови на полето на инклузија, да се споделат активностите и постигнувањата на проектот, а планирана е и заедничка дискусија за успешните приказни на полето на инклузијата како и предизвиците со кои се соочуваат училиштата, институциите и општините во својата намера да обезбедат инклузивна клима, се наведува во соопштението.
OhridNews