Делегација од Планинската спасителна служба Охрид оваа година го претставува Националниот Сојуз за планинско спасување (НСПС) на годишниот конгрес на ICAR (International Commission for Mountain Rescue), кој се одржува од 17 до 22 октомври, во Тоблах, Јужен Тирол.
Вообичаено, информираат од НСПС, конгресот започнува со практичен ден, на кој се разменуваат вештини и практични искуства од светот на планинското спасување.
Оваа година, акцентот беше ставен на неколку различни техники за спасување од карпа со примена на алпинистички техники, како и неколку методи за хеликоптерско спасување. Покрај практичната работа, во текот на вчерашниот ден присутните имаа можност да се запознаат со современите технолошки достигнувања од областа на беспилотните летала (дронови), кои полека стануваат нераскинлив дел од операциите за пребарување и спасување, како и со неколку современи типови на специјализирани теренски возила, нивните карактеристики и опрема со кои располагаат, велат од НСПС.
Практичниот ден, додаваат, се одржал во прекрасниот амбиент на доломитите, во подножјето на познатите Три Кули на Лаваредо.
На конгресот учествуваат повеќе од 600 учесници, припадници на службите за планинско спасување од целиот свет, како и претставници од најпознатите производители на опрема, возила и воздухоплови за спасување.
OhridNews