По повод претстојниот 67. Светски конгрес на Интернационалната полициска асоцијација (ИПА) кој од 17 до 22 септември оваа година, ќе се одржи во Охрид, денеска претседателот на ИПА Охрид Стефан Димоски и началникот на СВР Охрид Игор Смилески, кој е генерален секретар на ИПА Охрид, остварија работна средба со охридскиот градоначалник Кирил Пецаков.

Притоа, претседателот Димоски, на градоначалникот Пецаков, му врачи покана за учество на Светскиот конгрес и го запозна со целокупната агенда на сите активности поврзани со овој највисок репрезентативен собир на државите и полициите од светот-членки на ИПА. На средбата, во знак на благодарност за дадениот придонес и поддршка во работата и развојот на ИПА Охрид, на градоначалникот му беше доделена почесна ИПА картичка и ИПА значка со што, Пецаков стана ИПА пријател и почесен член на ИПА Охрид, информираат од ИПА Охрид.

Посочуваат дека градоначалникот Пецаков ја прими и велосипедската статуетка од вело манифестацијата „На точак, Охрид и Струга да видам“, најзначајната вело манифестации што осма година по ред, ИПА Охрид ја организира со вело тура Охрид-Струга-Радожда, и ја афирмира потребата од изградба на современа и безбедна вело патека Охрид-Струга.

OhridNews