Постигната е согласност да се отвори дебата со Владата за формирање на Фонд за новинарски продукти, кој ќе промовира медиумски плурализам, а постои согласност и во однос на обидите да се зголеми транспарентноста на владините институции. Сепак, загрижува размислувањето да се воведе државно рекламирање преку плаќање на кампањи од јавен интерес во приватните медиуми, а политичарите треба да се воздржат од непријатни изјави кон новинарите.

Ова се дел од заклучоците од средбите на претставниците на пет меѓународни новинарски и медиумски организации кои деновиве се во Скопје на покана на ЗНМ, со владините претставници.

Конкретно, претставниците на пет меѓународни новинарски и медиумски организации остварија средби со претседателот на државата, претседателот на Владата, претседателот на Собранието, министерот за информатичко општество и администрација, директорите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на јавниот сервис, со претседателот на Делегацијата на ЕУ, Амбасадата на САД, како и со група на уредници, новинари и членови на ЗНМ.

Oвие состаноци се реализираат во рамки на мисијата за проверка на факти која ја организира ЗНМ.

Конечно, по силни напори на ЗНМ, во изминатиот период успеавме да се согласиме и да ја отвориме дебатата со Владата за формирање на Фонд за новинарски продукти, кој ќе промовира медиумски плурализам. Постигнавме високо ниво на усогласеност во однос на обидите да ја зголемиме транспарентноста на владините институции. Ги засилуваме напорите за поддршка на локалните и регионални медиуми и на новинарите во другите градови, преку два механизма – итно вработување на дописниците во јавниот сервис и преку нивна позначајна застапеност, преку Фондот за новинарски плурализам, рече на денешната прес-конференција претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски.

Тој потенцираше дека за време на средбите со владините претставници изразиле несогласување со обидите да се вратат решенија за финансирање во медиумскиот сектор преку владините кампањи платени со јавни пари во приватните медиуми.

Албана Шала од „Free Press Unlimited“ на денешната прес-конференција во Скопје потенцираше дека на средбите го поздравиле неодамнешното усвојување на измените на Кривичниот законик со кои ќе се обезбеди поголема безбедност и сигурност за медиумските работници, како попис кој е подготвен во соработка со ЗНМ, а кој нападите врз новинари ги третира за напад врз службено лице и ги обврзува обвинителите да поостапуваат по службена должност.

Исто така, го поздравуваме неодамнешното усвојување на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета со кој се обезбедува новинарите кои се тужени поради нивна професионална работа да имаат подобра заштита од судовите. Дополнително, ја цениме одлуката на Јавното Обвинителство да определи лице за контакт за предмети поврзани со медиумските работници кои се нападнати, додаде таа.

Како што потенцираше, овие мерки ќе придонесат за побезбедна средина на новинарите, но и ќе ги демотивираат идните напади врз интегритетот на медиумските работници во земјава. Сепак, посочи, одговорните за извршување на сериозни напади врз новинари често не се кривично гонети и неказнивоста останува да загрижува.

Рикардо Гутиерез од Европската федерација на новинари потенцираше оти смета дека новинарството во Северна Македонија е во опасност. Постои, како што рече, поларизација, недостаток на плурализам, мешање во уредништвото, лоши услови за работа, неодржливи медуимски компании. Како што појасни, добра практика во земјите на ЕУ за стимулирање на квалитетни вести и поразновидна содржина од јавен интерес е да се формираат јавни фондови за поддршка на медиумски плурализам.

Владата на Северна Македонија во 2018 година ја усвои Препораката на Советот на Европа за медиумски плурализам, која ги охрабрува државите да обезбедат различни форми на финансиска поддршка, како што се субвенициите. Тие постојани фондови доделуваат јавни субвениции или гранотив врз основа на проекти, на транспарентен начин и врз основа на објективни и правични критериуми – број на вработени професионални новинари, посветеност да се следат етичките правила, почитување на колективните договори, рече тој на денешната прес-конференција.

Додаде дека сите приватни медиуми, медиуми во заедницата или непрофитни медиуми, вклучувајќи ги и локалните медиуми треба да имаат шанса да имаат корист од ова јавно финансирање, преку целосно независно тело кое ќе управува со средствата.

Останува на ставот дека јавниот фонд за медиумски плурализам не треба да биде креиран да ги зајакне медиумските тајкуни, туку да обезбеди независност и разновидност, и да му служи на јавниот интерес.

Во однос на државното рекламирање, кое Владата размислува повторно да го воведе преку плаќање на таканаречени кампањи од јавен интерес во приватните медиуми, Албана Шала потенцираше дека ова загрижува поради тоа што Нацрт-предлогот за повторно воведување не е во согласнот со законодавството на ЕУ за државна помош.

Исто така, како што посочи, нацртот е дискриминаторски за малите медиуми и само ги зајакнува постоечките моќни медиуми. Државното рекламирање преку платени политички кампањи го зголемува ризикот од политичко мешање во медиумите, а насочувањето на јавните средства на овој начин не би ја подобрило медиумската содржина.

Лоренс Хјутинг од Европскиот центар за слобода на печатот и медиумите рече дека со владините претставници разговарале за итната потреба политичарите и носителите на јавни функции да се воздржат од изјави кои придонесуваат за непријателска клима за и кон новинарите.

Конкретно, станува збор за повторување на случаи каде политичари од целиот политички спектар ја доведуваат во прашање професионалноста на поединечни новинари, даваат омаловажувачки забелешки за нивната компетентност. Позитивно е што нашите соговорници ја потврдија важноста од создавање погодна средина за плуралистички, слободен печат кој може да известува во интерес на јавноста, без страв и без наклонетост, рече Хјутинг.

Сепак, додаде, разочарани се од недостатокот на посветеност за конкретни активности што ќе доведат до подобрувања.

OhridNews