Вчера во галеријата при Куќата на Робевци беше отворена  изложбата „Скутини и чорапи“ во организација на НУ Завод и Музеј Охрид. Во суштина се работи за презентација на уште едно етнолошко богатство со кое располага оваа институција, а без кое не може да се замисли комплетната народна носија.

Охриѓани имаа несекојдневна можност да се запознаат со 15-тина автентични парови чорапи и скутини од различни краеви на земјава, кои говорат за трајното уметничко творештво и сведочат за богата традиција и историја која ја поседува ова наше поднебје.

Скутините се во правоаголна форма и најмногу од нив се обликувани во две дипли хоризонтални или вертикално соединети. Најголем број се волнени, орнаментирани со вткаена декорација уште при самиот процес на ткаење и сами по себе претставуваа посебни ракотворби со впечатлива убавина. Покрај доминантната вткаена орнаментална декорација, своја улога во прилог на украсувањето имаат и други дополнителни елементи како бели тантели, разни топчести украси од волна во најразновидни бои.“ – вели м-р Марија Каневче.

Скутините можат да се класифицираат во едноставни наменети за секојдневна употреба, односно најдекоративни кои се користеле како дел од невестинска носија.

Исто така, тие го прикажувале и статусот на возраста на тој што ги носи. Постеле детски мали скутини, за девојка, за невеста и за возрасни жени. Во зависност од местото каде потекнуваат и името на скутините се разликува. Некаде нив ги нарекуваат бофча, бокча, фута, прегача, но сепак намената на сите нив им е иста. Се носи на половината како заштита при работа, а претставувала и украс на народната носија.“ – додава Каневче.

Како што објаснува Каневче, ниту една народна носија не би била комплетна без волнените чорапи, кои ги носеле и мажите и жените.

Преку нив, доаѓа до израз плетечката вештина на македонската жена која ги плетела чорапите на пет, три или една игла, главно со волнена, а поретко со памучна преѓа. Во однос на колоритот, основни бои се црвената, белата и црната, со помало или поголемо присуство на други бои. Од орнаментите застапени се геометриски и флоралните мотиви. Се носеле и еднобојни чорапи со мали ситни орнаменти кај врвот. Сите чорапи се долги до под колена и богато орнаментирани од стапалото до горниот дел кај машките чорапи, а женските се најбогато декорирани од стапалото до глуждовите, делот кој најмногу изложен на погледи, бидејќи другиот дел бил покриен од долгата кошула. Најмногу се носеле во зимските денови како заштита од студ, но и за празник без оглед дали паѓал во лето или зима.“ – објаснува Каневче.

Пред бројните присутни се обрати и директорката на НУ Завод и Музеј Охрид, Тања Паскали Бунташеска, која изрази задоволство од презентацијата на оваа етнолошка збирка.

Ми претставува чест и задоволство во име на НУ Завод и Музеј Охрид, вечерва да ви презентираме еден мал дел од нашата богата етнолошка збирка. Станува збор за скутини и чорапи, без која една народна носија не може да се замисли. Благодарност до Министерството за култура, печатницата „Летра“, за печатењето на каталогот, сите колеги од Завод и Музеј кои помогнаа во организацијата на изложбата, посебно до м-р Марија Каневче.“ – истакна Паскали Бунташеска.

Автор на изложбата е м-р Марија Каневче, издавач Тања Паскали Бунташеска, конзервацијата е на Ленче Михајлоска, а техничката подготовка на Весна Наумовска.

O.T.