Студиото Ворнер Брос ја претстави најновата верзија Бетмобил, стрип болид кој ќе се појави во акциониот филм „Бетмен против Супермен: Зора на правдата“. Како што пренесува Ројтерс, возилото, кое потсетува на модерен тенк, прикажано било на изложба на која посетителите можеле да ги видат и костумите за најновото продолжение на приказната за Бетмен чија премиера е закажана за март 2016 година.

 

Главните улоги се доверени на Бен Афлек како Бетмен и Хенри Кавил како Супермен. Во филмот, кој го режира Зак Снајдер, глумат и Гал Гадот, Ејми Адамс и Џеси Ајзенберг. Станува збор за продолжение на остварувањето „Човек од челик“ кое заработи близу 668 милиони долари на светските благајни.