Претставата „Види, летам!“ на Вондрленд Театар од Скопје пред охриѓани ќе биде изведена на 17-ти јуни на малата сцена на Народниот театар Охрид.
Преку турнеја во повеќе градови, меѓу нив и Охрид целта е вистинските приказни на лица бегалци, баратели на азил и лица без државјанство да се приближат до што повеќе гледачи во државава, велат од Вондрленд Театар од Скопје.
Овие луѓе на посебни работилници водени од тимот на претставата, храбро ги споделија своите животни искуства со актерите, авторот и режисерот. Нивните идентитети во текот на целиот процес остануваат заштитени и анонимни. Раскажаните приказни, авторот на претставата Ана Ристовска Трпеноска ги преточи во емотивен текст кој што говори за трауматичните настани низ кои овие лица поминувале но и за нивните детства, соништа, емотивни потреби, љубовни искуства и потребата да бидат дел од задницата која често ги отфрла, посочуваат.
Проектот е во режија на Ивана Ангеловска, а под креативно водство на уметничкиот координатор Нела Витошевиќ. Во претставата играат актерите Никола Настоски, Исмет Шабановиќ, Ана Димитрова, Леонардо Лазов и Сара Спиркоска.
Поддржан од Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНЦХР) и Младинскиот образовен форум (МОФ), „Види, летам“ на Вондрленд Театар не само што ветува дека ќе ја воодушеви публиката, туку и се обидува да ја поттикне емпатијата со бегалците и лицата без државјанство.
Со доближување на овие важни човечки приказни, продукцијата има за цел да поттикне подлабоко разбирање и поврзување во нашата заедница, потенцираат.
Претставата ќе биде одиграна со почеток во 20:00 часот. Влезот е слободен.
OhridNews