Љубителите на театарската уметност во недела на 26-ти април 2015 година во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, ќе имаат можност да ја проследат претставата „Парите се отепувачка“ во изведба на актерите од Македонскиот Народен Театар.

Гостувањето на МНТ пред струшката публика е дел од активностите за одбележување на 115 години од раѓањето и 40 години од смртта на Ристо Крле, финансирани од Министерството за култура.

„Парите се отепувачка“ е надридрамата на режисерот Бојан Трифуновски, работена според мотиви од истоимената битова пиеса на Ристо Крле и романот Деветтата конфигурација на Вилијам Питер Блати.

-Претставата раскажува една приказна за една генерација која што се обидува да комуницира со духови. Духови кои, за нас се важни, кои што не насочуваат и ни помагаат да се самодефинираме бидејќи денеска живееме во време во кое од корпусот на информации со кои е бомбардирана нашата свест многу е тешко да се одвои она што е важно, а што не, вели режисерот Трифуновски.

Во претставата играат актерите Гораст Цветковски, Драгана Костадиновска, Славиша Кајевски и Софиа Насевска Трифуновска.

Почетокот на претставата е во 20 часот, а влезниците чинат 100 денари.

OhridNews