Во рамки на драмскиот дел од фестивалот Охридско лето, вечерва со почеток во 21 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе биде изведена театарската претстава „Комедија на грешки“ од Турскиот Театар од Скопје.
Претставата е работена по текст на Вилијам Шекспир во режија на Коле Ангеловски.
-Текстот „Комедија на грешки“ е меѓу првите комедии што ги напишал Вилијам Шекспир и е базирана на постар текст од Плаут, од римско време и за првпат е изведена на 28.12.1594 година. Инспирирана од плаутовите Менехми, како најкратка комедија, Шекспир го збогатил дејствието, но иако е брза, скоро фарсична комедија, сепак е една од најиграните која е преведувана на повеќе јазици, а според неа направени се и мјузикли, опери, снимени се филмови и безброј различни интерпретации. Не останувајќи рамнодушни на денешницата и се она што се случува сега, во преставата се внесени и доста современи референци, стои во најавата за претставата.
За сценографијата на претставата се погрижи Илина Ангеловска, за костимите Раде Василев, а за музиката Џенгиз Ибрахим.
Улогите во претставата ги толкуваат актерите Селпин Керим, Џенап Самет, Ријад Тахир, Неат Али, Несрин Таир, Сузан Акбелге , Зиба Радончиќ и Фунда Ибрахим.
OhridNews