Предворје на Св. Софија
Од 14.07.2024 - 21:00 до 14.07.2024 - 00:30
Првата содржина од драмскиот дел на програмата на Фестивалот „Охридско лето“ е театарската претстава „Безгрешна“, поставка на Театарот Марибор од Словенија.
„Безгрешна“ (Immaculata) бара смисла во раните кои никогаш не можат да зараснат. Марија, мајката на Исус, се обидува да се сети на некои од зборовите, лицата и деловите од приказната во врска со смртта на нејзиниот син. Сеќавајќи се на тие длабоко вознемирувачки настани, Марија смело ги предизвикува сите големи и свети идеи. Всушност, тие прашања се начинот на кој таа ги задржала. Затоа што идеите умираат, ако не се оспорат. Immaculata е жена која е повеќекратно злоупотребувана и погрешно скована во слика, догма, инструмент на верата. Тоа е исповед на жена, избришана од историјата и претворена во слика која служи за воспоставување на насилна религија.
Ако олтарот е каде и да клекнеме, тогаш мојот олтар е сцената. Местото каде што го поминав, со Томаж, целиот мој живот во театарот, тесно испреплетен со неговата интимна визија за светот, со неговите светли и мрачни соништа, кои тој, во својот творечки порив, ги живееше страсно, притоа искажувајќи ја својата Поезија и вистина, вели за претставата Ливија Пандур, која ја заврши поставката по ненадејната и прерана смрт на словенечкиот режисер Томаж Пандур.
Како што посочува таа, Immaculata е претстава што почнале да ја адаптираат од романот на Колм Тоибин за Словенечкиот национален театар од Марибор, сплетувајќи четиринаесет мисловни пејзажи, олтар на љубовта, загубата, осаменоста, потрагата по смисла во раните кои никогаш не исцелија.
Со неговото заминување, мојата рана е толку длабока што може да ја носи само сцената. Нему му ја посветувам Имакулата, кој веруваше дека сè што влегува на сцената се трансформира со него, вели Ливија Пандур.
Продуцентката и режисерката Ливија Пандур студирала драматургија на Академијата за театар, радио, филм и телевизија во Љубљана, работела како драматург во различни театри во Љубљана. Од 1991 до 1996 година е драматург на Драмата на Словенечкиот народен театар – Марибор. Меѓу другите, таа била драматург за сите продукции на Томаж Пандур (1963-2016) „Шехерезада“ во Младинскиот театар во Љубљана; „Фауст“, „Хамлет“, „Кармен“, „Божествена комедија“, „Руска мисија“, „Вавилон“ во Словенечкиот народен театар во Марибор; „Хазарски речник“, „Сто минути“, „Тесла Електрик“, „Калигула“, „Војна и мир“, „Микеланџело“ во ХНК во Загреб, „Фауст“, „Кралот Лир“ во Атина. Автор е на повеќе театарски публикации, и ја објавува и ја уредува театарската монографија „Театарот на соништата“ во 2002 година.
Улогата на Марија ја толкува Наташа Матијашец Рошкер.
За вечерашната изведба на „Безгрешна“ е резервирана сцената во предворјето на црквата „Света Софија“ од 21 часот.
OhridNews
Фото: Фестивал Охридско лето