Театарот за деца и младинци од Скопје е гордост на македонскиот театар. Оваа 2010 година го слави својот голем јубилеј, 20 години од своето постоење. Веќе 20 години овој високо професионален тим создава волшебства за најблагородната и најстрога публика, децата.
– Под раководство на Љубомир Чадиковски, човекот што го формираше театарот, актерската екипа со секоја нова претстава со неверојатна љубов ја докажува својата посветеност во креирање на новите теми кои широко ќе ги отворат очите на децата, ќе им ги пленат срцата и ќе ги внесат во светот на бајките носејќи ги во друга реалност потребна како капка вода на дланка. Тања Кочовска , Владимир Лазовски, Драган Довлев, Ана Левајковиќ и Предраг Павловски се актери кои од формирањето на театарот до денес со големата посветеност во своето дејствување станаа херои во животот на многубројната детска публика која преку нивната умешност влегува во светот на фантазијата и се заразува со театарот како неодминлив сегмент од нивното живеење. Овие големи актери за својата уметност на многубројните интернационални фестивали го величаат македонскиот театар без исклучок носејќи ги главните актерски награди и Гран при награди назад во Македонија.-истакна Ѓорѓи Јолески, драмски селектор на фестивалот.
Еден од најчестите гости режисери на Театарот за деца и младинци е Боњо Лунгов, режисер кој е познат по својата имагинација и создател на волшебства и во неговите раце актерите се соновни битија а не човечки суштества и сликите кои ги создава засекогаш остануваат врежани во сеќавањето на детската театарска публика. Токму таква е и претставата „Бескрајни соништа“, најновато дело на оваа фантастична екипа од творци кои за еден час менуваат бескрајно многу слики и на децата а и на возрасните, кои го задржале детето во себе, ни нудат едноставно претстава од соништата.
Во 21 часот, во црквата Св. Софија е настапот на Камерниот оркестар на Словенечката филхармонија. Како солисти ќе настапат Дарко Брлек – кларинет и Ирена Коблар – пијано од Словенија.
Гудачкиот камерен оркестар на Словенечката филхармонија е составен од четиринаесет гудачи, инаку членови на Словенчката филхармонија. Оркестарот е оформен во 1993 година со подршка на словенечкото Министерство за култура со цел да може да настапува на сцени во Словенија кои се премали за поголемите симфониски оркестри. Во текот на своето постоење, ансамблот има дадено преку 300 концерт во Словенија и странство. Репертоарот на Камерниот гудачки оркестар на Словенечката филхармонија вклучува дела од сите музички периоди.
Младата пијанистка, Ирена Коблар, има моќно присуство на меѓународната музичка сцена. Публиката и критиката ја величат за нејзината „длабока музикалност“ и нејзините „сензуално трогателни интерпретации“. Ирена Коблар има одржано голем број на соло рецитали дома, во Словенија и странство.
Кларинетистот Дарко Брлек има настапувано ширум Европа и во многу истакнати музички центри низ целиот светРаботел со многу истакнати диригенти како Антон Нанут, Марко Летоња, Јан Стулен, Ненси Гам, Емил Табаков, Филип Бендер, Лоран Петигар, Овидиу Бален, Јури Башмет и Хартмут Ханхен и инструменталисти како Пјер Амојал, Уто Уги, Ловро Погорелиќ.