Претседателите на држави кои ќе учествуваат на Самитот што од 2 – 5 мај ќе се одржи во Охрид ќе бидат сместени во ексклузивни претседателски апартмани во хотелите Инекс, Гранит, Метропол и Белви. Охрид е подготвен удобно да ги смести високите гости, велат од локалната самоуправа и од кабинетот на претседателот Црвенковски ,кој ќе биде домаќин на колеги од 16 држави од Централна Европа, додека Италија и Романија ќе бидат претставени на ниво на амбасадори.
Престедателскиот апартман во Инекс
Хотелот Инекс каде ќе се одвива пленарната расправа е подготвен за Самитот на претседатели. Подготовките течат на највисоко ниво и очекуваме како и многу пати што сме докажале досега успешна организација на настанот, ни изјави хотелскиот менаџер Климе Ристески. Во Инекс ќе бидат сместени претседателите на Германија, Австрија и Турција, а на 2-ри мај во овој хотел ќе бидат организиран работен доручек. Специјални барања засега нема но протоколот ќе биде подготвен наскоро по што ќе се знаат деталите околу финалната организација на самитот, ни рече Ристески.
Инекс е подготвен за Самитот на претседатели-Климе Ристески
Покрај претседателите на Самитот ќе присуствуваат и 350 членови на делегации, а настанот ќе го проследат 150 странски и околу 50 домашни новинари. Покрај работниот дел предвидено е за време на одржувањето на Самитот високите гости да имаат прошетка со брод по Охридското Езеро. Тие ќе го посетат манастирскиот комплекс Плаошник и ќе присуствуваат на концерт во катедралната црква „Света Софија“. На 3 мај учесниците на самитот ќе имаат традиционален појадок во Вевчани каде ќе вкусат национални специјалитети како ѓомлезе и слично и ќе ги посетат вевчанските извори.
Охрид е подготвен за Самитот уверува општината
Во меѓувреме во Охрид течат последните подготовки за самитот. Градоначалникот Петрески истакна дека градот е подготвен на највисоко ниво да ги прими гостите на најголемиот политички настан во историјата на Македонија. Екипите на јавните претпријатија и на локалната самоуправа деноноќно работат на дотерување на градот кој верувам ќе го прикажеме во најубаво светло пред високите гости што ќе биде и голема промоција на Охрид пред светот, рече Петрески. Градоначалникот на Охрид денеска се сретна со претставници од кабинетот на престедателот Црвенковски околу подготовката на претстојниот голем настан.
Г. Момироски