Претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски денеска денеска во Охрид во рамките на ЕАПС Безбедносниот форум, се сретна со генералниот секретар на НАТО Јап де хоп Шефер.
Претседателот Црвенковски, како што соопшти неговиот Кабиент, го информира генералниот секретар на НАТО за активностите што ги презема Република Македонија во остварувањето на реформите што се услов за добивање на покана за членство во Алијансата.
Ние сме цврсто определени и посветени да ја добиеме поканата. Свесни сме, рече претседателот Црвенковски дека во наредниве месеци треба да демонстрираме добри резултати во спроведувањето на реформите и во земјава постои целосен политички и широк граѓански консензус за пристап на Република Македонија во НАТО Алијансата. Претседателот на Република Македонија го информираше Шефер дека во земјата е воспоставен политичкиот дијалог во рамките на надлежните институции, треба да започне втората фаза од децентрализацијата и преземени се мерки во насока на подобрување на вкупниот бизнис амбиент.
Генералниот секретар на НАТО Јап де хоп Шефер предочи дека во НАТО има позитивна клима за проширување во однос на земјите од Јадранската група-Македонија, Албанија и Хрватска. Притоа Шефер потенцира дека е нужно земјите апликанти да ги реализираат обврските и да ги постигнат стандардите што од нив се бараат за да можат да ја добијат поканата за членство во Алијансата.
Претседателот Црвенковски и генералниот секретар на Шефер, разменија мислења и за најновиот тек на настаните поврзани со статусот на Косово. Се согласија дека прашањето треба што поскоро да добие разрешница и зад одлуката да стои широк консензус од страна на меѓународната заедница, се вели во соопштението од Кабинетот на македонскиот претседател.
Претседателот Бранко Црвенковски денеска во Охрид во рамките на ЕАПС Безбедносниот форум, се сретна и со амбасадорот на САД во НАТО, Викторија Нуланд.
Двајцата соговорници, како што соопшти Кабинет на македонскиот претседател, се согласиле дека ЕАПС форумот е дополнителен мотив за Република Македонија со уште поконцентрирани активности да одговори на реформските предизвици за реализирање на НАТО агендата.