Претседателот Стево Пендаровски на прес-конференција попладнево соопшти дека на предлог на Владата, а во согласност со неговите уставни и законски надлежности, прогласува вонредна состојба на целата територија на државата, со цел поефикасно справување со опасноста од ширењето на коронавирусот Covid 19.

Одлуката за прогласување на вонредна состојба ја донесов заради заштита и справување со последиците од ширењето на вирусот КОВИД – 19. Вонредната состојба ќе трае 30 дена и оној момент кога Собранието ќе биде во можност да се состане ќе му биде поднесена на потврдување. Пред истекот на овие 30 дена очекувам Владата да ми поднесе детален извештај за ефектите од дотогаш преземените мерки и образложен предлог за потребата од евентуално продолжување на вонредната состојба за дополнителни 30 денови. – рече во обраќањето до нацијата претседателот Пендаровски.

Оваа одлука Пендаровски ја донесе откако Собранието одби да се состане, бидејќи, како што појасни спикерот Џафери, не постои законска можност за тоа.

Сакам да ја информирам македонската јавност дека предмалку ја потпишав Одлуката за прогласување на вонредна состојба на територијата на целата држава. Денес попладне Владата упати барање до Собранието кое, според Уставот е прво надлежно за прогласување на вонредна состојба, но, Претседателот на Собранието веднаш го препрати тој акт до мене, тврдејќи дека не може да го свика Собранието да расправа за тоа прашање. Мојата одлука се базира врз членот 125 од нашиот Устав, кој пропишува ваква можност доколку Собранието, од различни причини, не може да се состане. – рече Пендаровски.

Фактот што за прв пат од нашата независност прогласуваме вонредна состојба укажува колку е сложена ситуацијата во која се наоѓаме и колку е голем ризикот за сите нас. Од денес извршната власт ќе има зголемени надлежности и ќе може да ги користи сите ресурси на државата – потенцирам, сите и државни и приватни за поуспешно да се справиме со епидемијата, посочи Пендаровски.

Во вонредна состојба Владата ќе може да носи уредби со законска сила, со цел, да воведе поголеми ограничувања во движењето на луѓето, и, особено да обезбеди поголеми средства за поддршка на економијата која влегува во исклучително кризен период. Епидемијата значително ги оптовари ресурсите на државата и веќе во овој момент, штетите за фирмите кои не работат се огромни. Тука Владата мора да понуди значителна помош и поддршка. – истакна Пендаровски.

Претседателот го повтори апелот до граѓаните да бидат смирени и да ги почитуваат мерките, а до нашинците кои се наоѓаат во странство да останате во земјата во која се додека не се надмине оваа состојба согласно препораките на СЗО. Доколку решат да дојдат треба да бидат подготвени на почитување на пропишаните мерки, вклучително и изолација на места кои ќе бидат одредени за таа намена, појасни Пендаровски.

Во деновите пред нас, бидете дисциплинирани и одговорни пред себе си, пред своите најблиски, особено бидете одговорни и помагајте им на нашите повозрасни граѓани и граѓаните со хронични заболувања. Не излегувајте од дома без позначајна потреба. Следете ги информациите од надлежните органи и институции и доследно почитувајте ги нивните препораки. Во оваа прилика, сакам посебно да им се заблагодарам на сите ангажирани здравствени работници, полицајци, војници и волонтери, кои изминативе недели вложуваат навистина натчовечки напори да им помогнат на граѓаните погодени од болеста. – додаде Пендаровски.

Г.М.

Видео: Владата донесе одлука за вонредна состојба, се чека одлуката на претседателот